Стинг доаѓа во Скопје со својот син!

19 септември 2017

На претстојниот концерт во ВИП арената „Борис Трајковски“ во Скопје, легендата на светската рок сцена Стинг ќе настапи со своите долгогодишни соработници, гитаристите Доминик Милер и Руфус Милер и тапанарот Џош Фрис, а негов специјален  гостин ќе биде неговиот син, Џо Самер.

Џо Самер е син на Стинг (Гордон Самер) од врската со ирската актерка Франсис Томелти. Со музика почнува да се занимава уште во тинејџерските години, свирејќи на гитара и тапани, инспириран од албумот на Нирвана „Nevermind“.

По само неколку години тој го формирал бендот „Fiction Plane“, заедно со басистот Ден Браун  и гитаристот Сетон Даунт.

Покрај работата со овој бенд кој зад себе има шест студиски албуми, Џо Самер во последниве пет години интензивно работи и на својата соло кариера, како и на својата мобилна апликација Vyclone. Позади себе има различно музичко искуство- од турнеи со музичарите кои тој ги нарекува своја фамилија (The Police, Sting), до соработки со разни музички изведувачи.

Својот прв деби сингл насловен „Jellybean“ го објави во почетокот на оваа година.

Изминатиот викенд Стинг настапи во Софија и во Белград, пред вкупно 30 илјади публика, со песни од новиот албум кој е насловен по името на турнејата „57th & 9th“, но и со легендарните песни кои ја одбележаа неговата кариера од времето на групата The Police, како и од неговата соло кариера.

Концертот на Стинг во Скопје кој со нетрпение го очекува македонската публика ќе се одржи на 15-ти октомври и е целосно распродаден уште од првиот продажен ден, и тоа за рекордно време, односно за нецели десет часа откако билетите беа официјално пуштени во продажба. 

Објавено:
19 септември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
745 пати