Страјк, Ofenbach, Napalm Death, Vojko V на Д Фестивал 2019

12 март 2019

Д ФЕСТИВАЛ кој ова лето ќе се одржува од 12-ти до 14-ти јули во Дојран, може да се пофали со армија фанови кои ја препознаваат неговата вредност и уникатност, па на повеќе од четири месеци до одржувањето, стигнува и потврдата за тоа со веста дека порано од било кога досега, веќе е распродаден првиот контингент влезници.

Причина повеќе за огромниот интерес секако е и првиот бран на изведувачи кој претставува актуелни музички имиња од сите страни на светот и тоа во најголем дел со премиерни настапи во Македонија! Во таа листа, покрај веќе најавениот настап на холандската музичка сензација и трикратни сопственици на „Битпорт Мјузик" наградите, NOISIA (Ноизиа), своите настапи на главната бина ги потврдија уште и најпопуларните нови ѕвезди на француската електронска сцена OFENABCH (Офенбах), бендот кој ги постави темелите на грајндкор сцената NAPALM DEATH (Напалм Дет), во моментов најбараниот изведувач во регионот, сплитскиот рапер ВОЈКО В и гордоста на македонскиот андерграунд хип-хоп СТРАЈК!

За големото отворање на Д ФЕСТИВАЛ ова лето, во петок, 12-ти јули главната бина е резервирана за парискиот музички феномен OFENBACH, најактуелните ѕвезди на денс-поп сцената! На првата фестивалска вечер хитмејкерите зад „Be Mine", „Katchi" и „Paradise", за прв пат пред македонската публика ќе настапат со своите енергични траки кои се необичен спој на чил-електро и инструментални делници извлечени од нивната љубов за рокенрол и блуз музиката. Тандемот составен од Дориан Ло и Сезар де Румел, развивајќи го иницијалниот моментум, во 2016-та ја објавија „Be Mine" - хитот кој ги лансираше кај интернационалната денс поп публика и со кој ги освоија топ листите ширум светот. Набргу потоа престижниот „Диџеј Маг" ги прогласи за Најдобар нов талент од Франција, а беа дел и од плејлистата на Најдобри нови таленти на „Спотифај" за 2017-та година. Ofenbach денес можат да се пофалат со повеќе од 250 милиони прегледувања на „Јутјуб" и мулти-платинести синглови, а нивниот серијал со миксови, „Monthly Delights", на „Саундклауд" привлече култно почитување за нивните внимателно составени плејлисти од нови траки, ремикси и стари омилени хитови.

Истата вечер, на главната бина ќе одекне и врвниот хип-хоп претставен од двајца подеднакво значајни уметници, но претставувајќи комплетно различни стилови на овој музички израз. Од регионот тоа е ВОЈКО В (познат и како Војко Вруќина), сплитски рапер и продуцент познат по својата работа во бендовите „Дјечаци" и „Киша Метака". Во 2018-та тој одлучи да заплови во соло водите и оствари рекорден успех, веднаш распродавајќи го настапот во Домот на спортови во рамки на промоцијата на деби-албумот, „Војко". Дека неговото враќање на соло кариерата е одлична одлука, покажа тоа што неговиот прв сингл „Зови човика", е прегледан речиси 3 милиони пати. Неговата кариера буквално експлодираше и за помалку од една година стана еден од најраспродаваните артисти во регионот. Лани го „сруши интернетот" со објавувањето на „Паста Италијана", „Не може", „Како то" и стана моментално најбараниот изведувач во регионот. Годинава е номиниран за дури шест Порин награди меѓу кои и Албум на годината и Песна на годината.

Од подземјето на македонскиот хип-хоп на главната бина на Д Фестивал пристигнува и СТРАЈК, изведувачот за кој не треба посебно објаснување бидејќи неговото дело говори повеќе од доволно! Кариерата ја започнува во 1997-ма, како еден од основачите на Легијата и еден од првите артисти што соработуваа со „Шурикен Рекордс", каде се појавува на првото издание – „SK Street Beatz". Во 2001-ва заедно со Блажеј ја формираат групата СТР2 – насловена по графитите на Страјк, кратенка за „Стриктно Тврди Рими/Сон-Темнина/Реалност" – и го објавуваат албумот „Не Заборавај". Потоа ги остварува и првите настапи како диџеј на Да Џака Накот, со што покрај графитите и рапувањето ја опфаќа и третата гранка на хип-хопот – диџејството, а следува и активната соработка со DJ Гоце (С.А.Ф) со кој соработува и на своите два солистички албуми - „Кутија" и „Земен Рај". Иако веќе со години ужива култен статус меѓу познавачите на македонскиот андерграунд хип-хоп, својот прв самостоен и веднаш распродаден концерт го одржа дури лани во декември во рамки на Таксират Фестивал. Настапот на Д Фестивал ќе биде неговиот единствен за ова лето.

Последната вечер, недела, 14-ти јули на Д Фестивал доаѓаат и NAPALM DEATH – пионерите на грајндкор сцената со речиси четириесет години кариера. Нивното долготрајно влијание во светот на соничното дивјаштво започна во 80-тите, кога првите два албуми на бендот – „Scum" и „From Enslavement to Obliteration" го подобрија и редефинираа значењето на бруталноста и брзината во светот на панкот, хардкорот и металот. Napalm Death беа – и сè уште се – водени од жестока интелигенција и искрена желба да го направат светот подобар, преку промоција на рационална мисла и почит за сите луѓе, а нивните неуморни потфати на музичката сцена го зацементираа статусот на Napalm Death како екстремни музички легенди. Во последните 20 години, бендот објави поголем број на револуционерни и бестрашни албуми и други изданија кои „постојано прават дупки со тупаници во оградата на хеви музиката", фалејќи се со неуништиво кредо на креативност и лиричен оган по патот.

ЗАПОЧНА втората, промо-етапа во РАН КОРМОРАН акцијата!
Првиот контингент влезници од Ран Корморан акцијата на Д Фестивал се веќе целосно распродадени и тоа забележувајќи го досега најголемиот интерес за Фестивалот! Во моментов актулена е втората етапа од оваа акција со новата ПРОМО-ЦЕНА за тридневните билети од 800 денари (без кампување) и 850 денари (со кампување), а која ќе важи само за органичен број на влезници достапни во продажба на сите благајни на МкТикетс и онлајн.

Објавено:
12 март 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
247 пати