Странските уметници уживаа недела дена во Скопје и „АРТ Симпозиум“

3 март 2018

Во рамки на оваа недела во центарот на главниот град се одржа „АРТ Симпозиум С'копје“, на кој учество земаа уметници од 15 земји, вклучувајќи и неколку домашни.

За денес е закажана главната изложба, каде што посетителите ќе имаат можност одблиску да го видат резултатот од оваа неделна дружба и работа. Таа ќе биде отворена во градската кафеана „Пелистер“, каде и во текот на целата недела на уметниците им беше отстапен простор да творат.

Иако изложбата нема да е од продажен карактер, сепак, како велат организаторите, секој од посетителите ќе може непосредно да поразговара со авторите, да го изрази својот интерес и да се распраша за начините на кои може да го има делото.

„Реакциите се прекрасни и од уметниците, а и од посетителите што изминатава недела доаѓаа да се дружат со нас. Луѓето ја сакаат уметноста, расположени се секогаш да видат нешто ново. Од друга страна, оние што првпат дојдоа во Скопје, се воодушевени од гостопримливоста, расположението на луѓето тука и секако храната. На уметницата од Саудиска Арабија ова ѝ беше првпат да види снег во живо, па секој ден излегуваше, го допираше и се радуваше. Така што, верувам дека секој од нас, а и луѓето што се дружеа со нас сето ова време, ќе понесат убави моменти за сеќавање“, објаснува Гордана Винчиќ, една од организаторите.

Да биде сè според замисленото, се погрижи и Игор Љубовчевски. Велат, ваквиот нов (за нас) начин на презентација бара посветеност и работа, но дава и непосредност и топлина што галериите не секогаш го овозможуваат.

„Никогаш не може да биде точно според зацртаното, но ова е креативна работа и отстапки се дозволени. Не е лесно да се организираат толку уметници, но истовремено е многу убаво да го работите она што го сакате, така што за нас ништо не претставуваше тешкотија, а посакуваме и ова да прерасне во убава традиција“, потенцира Винчиќ.

Целта беше Скопје „да дише уметност“ а тие секако успеаја, па макар и на неколку дена во тоа. За оние што сè уште не поминале да го видат ова уметничко катче, имаат шанса тоа да го сторат уште денес и утре, а дел од атмосферата ви пренесуваме и ние:

Објавено:
3 март 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
221 пати