String Forces и Да Џака Накот на Д Фестивал

31 мај 2017

До новото фестивалско лето на Д Фестивал остануваат уште месец и половина, а само во музичката програма на овој фестивал веќе се запишаа скоро 40 изведувачи.

Оваа импозантна листа Д Фестивал ја збогатува со еден од најспецифичните македонски бендови СТРИНГ ФОРСЕС (STRING FORCES) и еден од предводниците на домашната рап сцена ДА ЏАКА НАКОТ, кои ги потврдија своите настапи на главната бина на тридневниот музички маратон во Дојран!

СТРИНГ ФОРСЕС е групата настаната пред точно две децении, во средината на деведесеттите години на минатиот век, а која денес важи за еден од најзначајните претставници на современата македонска музика. Нивната 20 годишна активна присутност на музичката сцена ја бележат со повеќе големи хитови меѓу кои особено се издвојуваат „Каде бегаш", „Келари шарени", „Суб", „Води ме", „Еден здив", „Јас сум ти", како и последниот „Тишина", инаку официјален сингл-најава за нивниот нов, петти по ред, студиски албум „Соголи ме" (2017).

Фото:Pixelmk

ЏАКА НАКОТ е артист/рапер од Скопје, кој работи во изградбата на хип-хоп сцената во Македонија од 1991-ва година, членувајќи во групи како „Против Сите" и „Легијата", а понатаму и ја редефинира хип-хоп музиката низ проектите кои следуваат низ годините. Својот прв соло албум „Неопходно Зло" го објавува во 2001 година и е активен промотер на движењето во следите години, работејќи како автор на емисијата „Здраа Храна" на Канал 103 (2003-2009 ) каде се промовира Македонскиот хип-хоп, колумнист, но и борец за граѓански права и слободи. Зад себе бројни настапи кои вклучуваат и значајни фестивали како EXIT во Србија и македонските Таксират, Аларм, Ск Стрит Битс, а бината ја делел со ѕвезди од калибарот на Public Enemy, Jeru da Damaja, Edo Maajka, Bvana iz Lagune, Frenkie, Marchello и Roni Size со кого пак повторно ќе се сретне и годинава на Д Фестивал. Со над 10 соло и 15 колаборациски албуми, повеќе од јасно е дека Џака Накот сѐ уште го снима, дефинира и репрезентира вистинскиот хип-хоп, кој во најдобро светло ќе го презентира овој јули на Д ФЕСТИВАЛ.

Фото:Бла Бла Тв

Објавено:
31 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
104 пати