Во ВИП арената Борис Трајковски утрово беше отворен 30 – тиот по ред „Саем на книга“ кој ќе се одржи до 9 – ти мај, а каде на едно место ќе може да најдете голем број дела и супер автори.

Од она што можевме да го видиме денеска, интересот на Македонците е голем кога станува збор за добра литература која дефинтивно вреди да се прочита и да се има во домашните колекции.

Она што радува е сè поголемиот интерес за македонските автори кои годинава се чини ги има во изобилие, а подеднакво фасцинантна е детската литература која воодушевува.

Токму таква ќе пронајдете на штандот на издавачката куќа Арс Ламина и Литература.мк каде има супер наслови и детска литература со приказни и илустрации во кои ќе се вљубите.

Од таму велат дека за јубилејното издание на Саемот на книга исто така подготвиле голем број на биографии и автобиографии кои раскажуваат успешни приказни за различни луѓе кои се ултра мотивирачки.

„Нешто по кое сме препознатливи е детската литература, која е навистина квалитетна затоа што на неа работат луѓе со високо развиена морална свест затоа што прават нешто за деца, нешто што треба да ги израсне во здрави и развиени личности со висок морал. Нашата тенденција е да се развиваат домашните автори. Црпиме многу и од нашата историја. „Бајките од Македонија“ е еден сериозен проект што го направивме и децата го препознаваат тоа и се радуваат. Станува збор за традиционални приказни со интересни илустрации, а децата го препознаваат квалитетот и се воодушевени“, велат од издавачката куќа за Fashionel.

Како најпродавана и книга за која во последно време има огромен интерес, тие ќе ја издвојат „Ѕвездено дете“ на авторот Ване Костуранов кој ќе гостува на штандот оваа сабота.

„Најголем интерес има за „Ѕвездено дете“ на Ване Костуранов, бидејќи е одличен. Тоа не е книга за деца, таа е и за големи деца, се чита од 6 до 66. Пораката што ја носи книгата е нешто извонредно, на толку едноставен начин напишано нешто што допира до сите и влијае навистина позитивно“, додаваат од издавачката куќа.

Веднаш до нивниот штанд се наоѓа и штандот на „Арс студио“ од каде велат дека голем интерес пак има за стручната литература која ја имаат во изобилие, но и за новите наслови кои штотуку пристигнале специјално за саемот.

„Имаме голем број странски автори, најчесто тоа се преводи од англиски на македонски, но имаме и дела од домашни автори, сите наградувани со книжевни награди. Што се однесува до најпродаваната книга, можам да кажам дека тоа е „Мислење, брзо и бавно“ од Даниел Канеман која е навистина одлична“, велат од Арс Студио.

Од она што можевме да го видиме во изминатите неколку часа откако Саемот е отворен, дефинитивно најголем интерес има за детската литература која годинава ја има во изобилие, но Македонците сакаат да прочитаат и по некоја добра биографија за успешни луѓе или бизниси кои мотивираат.

Што се однесува до местото, дел од учесниците ќе кажат дека дефинитивно треба да му се даде шанса и дека посетителите треба да дојдат да си набават добра книга, без да размислуваат каде ќе го направат тоа.

Објавено:
3 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.690 пати