Свечено отворено 16-то издание на Јуниорскиот Евросонг 2018

20 ноември 2018

Вчера во Минск, Белорусија свечено беше отворено 16-то издание на Јуниорскиот Евросонг 2018.
Нашата претставничка Марија Спасовска со македонското знаме во рацете поздравена од евровизиските фанови зачекори по црвениот килим на спектакуларното отворање.

Марија со песната „Дома" ќе настапи под реден број 16 на 25 ноември (недела). На сцената во Минск таа ќе биде стилизирана во бајковита костимографија на нашиот етаблиран моден бренд Елена Лука, која исто така се потпиша и зад нејзиниот стајлинг за видео записот на песната.

„Многу сум среќна и на моја огромна чест и задоволство, ќе ја претставувам нашата земја на детската Евровизија во Минск. Работиме со проверен тим и сигурна сум дека ќе ја претставам Македонија во најдобро светло", вели талентираната Марија за Fashionel.mk.

Следејќи ја нарацијата на топлата порака што ја испраќа „Дома", Елена Лука ја креираше комплетната костимографија за спотот во кој Марија носи два костими, со што се заокружува и ѝ се дава силен визуелен печат на целата емотивна слика, а од Елена Лука ни открија дека Марија и на сцената во Минск ќе изгледа како излезена од бајка.

„Сцената секогаш бара беспрекорен визуелен ефект, за да се заокружи комплетната приказна. Токму затоа посветуваме исклучително внимание на секој детаљ од сценската костимографија, независно дали се работи за видео запис или изведба на сцена. Овој пат за нашата драга Марија, која во недела ќе настапи на сцената на детската Евровизија во Минск, дизајниравме комплетна костимографија за спотот на песната „Дома", како и за нејзиниот сценски настап. Можам да кажам дека Марија ќе изгледа бајковито. И посакуваме голем успех и воопшто не се сомневаме дека Марија ќе ја претстави нашата земја во најдобро светло ", вели Елена Пандева, сопственичка и генерален менаџер на модниот бренд Елена Лука.

Музиката и аранжманот на песната се дело на Дарко Димитров, а текстот го напишаа Елена Ристеска и Дарко Димитров. Песната ,,Дома,, има топла и хумана порака за сите: Секое дете да го најде својот топол дом, да се згрижат децата од целиот свет кои немаат Дома, за сите да имаат Дома!

Денеска започнуваат техничките проби, а Марија е подготвена да блесне на импозантната сцена.
Гледајте го директниот пренос на МРТ од 16.00 часот и не заборавајте да гласате online.

 

 

Објавено:
20 ноември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
173 пати