Таксират 21 - ready, steady, go!!!

6 декември 2019

Со програма од 28-ми ноември до 8-ми декември и досега над 6 000 посетители, 70 музички состави, 150 работници во културата од цел свет, влеговме во финалето каде бројките ќе станат петоцифрени.

Утре, 7-ми декември, од 20 часот до 5 наутро, во спортски центар „Борис Трајковски" во Скопје ќе се одржи главната вечер на Таксират, каде ќе настапат 15 изведувачи на три различни сцени. Премиерен настап во Македонија ќе имаат британските бејс продуценти и херои на електронската сцена CHASE & STATUS, авторите на светскиот познат хит „Young Folks", PETER BJORN AND JOHN. После 6 години, најголемиот хип-хоп колектив од Србија, БЕОГРАДСКИ СИНДИКАТ, се враќа на Таксират со ветување за уште еден енергичен настап. Легендите од Дорчол ќе бидат тука да ги пренесат нивните гласни пораки без забранети теми. Со прв настап во Скопје се потпишува и легендарниот хрватски рапер, ВОЈКО В, добитник на три награди Порин годинава. Најпрепознатливиот хрватски панк-рок бенд ХЛАДНО ПИВО повторно доаѓа на Таксират со одличен репертоар што гарантира енергија до плафон!

Љубителите на ска-панкот и бенд кој годинава слави четврт век, СУПЕРХИКС, ќе настапат на Таксират со најполн состав и со „the best" of програма од нивниот музички репертоар. По 4 години од последниот настап, етно-метал бендот ВЕРКА со нивниот микс на традиционалното и текстовите на наш јазик, ќе ја отворат главната вечер на Таксират.

Втората фестивалска бина на Таксират на едно место ќе ги собере најголемите трап артисти од домашната и регионалната сцена: КЛИНАЦ, ПРИНЦЕС ДОНАТСУ, БУНТАИ, ДОНПЛЕЈА, КУКУШ КЛАН, СЕКСИ МАРСА, БОН ПРАСКИЗА и 30ЗОНА. Тука е и третиот стејџ – „Сајлент диско" каде со повеќечасовни сетови ќе настапат два диџеи: Чарли и Мартин од Антена 5.

И тоа не е сè! Легендарниот андерграунд техно диџеј, СВЕН ВАТ, на 8-ми декември во СЦ „Борис Трајковски" ќе го затвори годинешното издание на Таксират. Таткото на рејверските афтерпартиња, познат и како „Папа Свен", исклучиво на грамофони ќе ја изведе својата магија со целовечерен сет пред македонската публика.

Билети за двете фестивалски вечери се достапни во продажната мрежа на МкТикетс по цена од 500 денари. На врата цената на влезници ќе чини 800 денари.

Објавено:
6 декември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
302 пати
Тагови: 
Таксират