Театар Комедија „Лисистрата“: Во жените е спасот!

19 декември 2014

Два Супербрендови за 2013/14 Театар Комедија и модната куќа Елена Лука ги споија своите креативни енергии и на денешниот прес во присуство на актерската екипа, директорката Јелена Жугиќ, генералната менаџерка на Елена Лука,  Елена Пандева и режисерката Наташа Поплавска ја најавија премиерата на претставата „Лисистрата“ од Аристофан, закажана за 21 – ви декември (недела).

„Во жените е спасот! Со тоа мото ќе го почнам пресот. Театар Комедија ја завршува својата театарска сезона 2013/14 со првата копродукција за нашето тригодишно постоење. Со Наташа Поплавска работиме за прв пат иако се познаваме уште од студентски денови, но веројатно се космички средби во прашање. Станува збор за „Лисистрата“ од Аристофан, „Лисистрата“ – кабаре, односно шоу, продукт кој може да си стои на свои нозе и како театарска претстава, но и како сценско – музичко дело. На мое огромно задоволство во целиот авторски тим покрај Наташа Поплавска со нејзината продуцентска куќа Артмедиа, се вклучи и Елена Лука со која долго време соработувам и јас лично како актер. На многу мои настапи сум блескала во креациите потпишани токму од Елена Лука. Од секогаш сакавме да соработуваме и се прашувавме кога ќе дојде моментот да изработи театарски костими од изразот која што таа го носи како мода, како автентичен бренд во Македонија кој навистина плаче за театарската сцена и еве се случи токму тоа. Во тимот морам да ги споменам Олга Панго која ја осмисли кореографијата,  Огнен Анастасовски задолжен за музиката и сценографијата, дело на Емил Петров. Значи во нашата „Лисистрата“ се глуми, се пее, се танцува, се сака, се движи по сцена, не трае многу, во нашето поимање за сценско време и знам дека сите што ќе ја погледнат ќе побараат уште“, ја отвори прес – конференцијата директорката Јелена Жугиќ, која го толкува и главниот лик во претставата.

„Ова е претстава која долго време  ме окупира заради фасцинантниот податок дека 411 –та година пред наша ера некој се занимавал со еден проблем кој ден денеска сè уште постои, а тоа е довербата на жената како лидер. Од друга страна,пак, исто фасцинира фактот што една жена решава да направи промена во сопственото општество и да ги смири двете завојувани страни Спарта и Атина. Значи, жена која има длабока општествена цел, да не направи само лично добро, туку цивилизациско“, вели режисерката.

За Поплавска, Аристофан е еден од ретките комедиографи коj просто воодушевува со теми кои можат да допираат тогаш, сега, а веројатно и утре.

„Јас како режисер често работам претстави кои што, како што љубам да кажам претставуваат „тотален театар“. Тоа значи дека ќе бидат вклучени повеќе театарски медиуми како што се танцот, музиката, актерската игра и самото тоа што авторот пишува во стих некако нарави да гледам во неговите текстови и хорски пеења и сонгови кои ми дадоа идеја целата претстава да биде кабаретска. Екипата вбројува пет мажи и пет жени со што балансот на машко – женските односи се расклинкува во претставата, односно се отвора на повеќе начини, се со една заедничка цел да бидеме сложни во градењето на нашето подобро општество“, додава Наташа.

Потрагата по вистинската Лисистрата за Поплавска трае три години, за конечно да ја пронајде, токму во ликот на Јелена Жугиќ.

„Моја инспирација беше токму Јелена Жугиќ, нејзиниот актерски хабитус кој го носи во себе, ме инспирира просто да ја отворам Лисистрата и да ја насочам токму кон неа. Мојот концепт на работа секогаш почнува од првичната инспирација, актерите, па потоа преминувам на она што ќе го работам. Затоа се решив токму „Лисистрата“, и токму во Театар Комедија. Секако, овој ансамбл е млад на своите почетоци и мислам дека е важно што ова театарско семејство веќе има изградено сериозна публика, која доаѓа и ги посетува нивните претстави и комедии кои ги имаат на репертоар. Ова е еден друг тип на претстава за разлика од комедијата, кабарето има една друга своја цел, да едуцира, односно да коментира одредени недостатоци во нашето живеење секако со цел за едно заедничко освестување што е она што е важно буквално за развивање на едно здраво пред сè, општество“, сподели Поплавска.

„За моето дваесетгодишно театарско искуство и за многуте претстави што ги имам одиграно и големиот број главни улоги кои што живееле преку мене на скопските сцени и наградите кои што ги имам добиено за тие улоги, некако ништо не може да се спореди со ова што го правам во оваа претстава. За мене беше огромен предизвик, бидејќи за првпат јас ја играм целата претстава разголена, значи никогаш во живот не сум ги градела улогите со жоржети (подвезици), мрежести чорапи и корсети и не дека имам некаков психолошки проблем, туку веројатно ниту еден лик, ниедна форма и ниеден концепт не го изискувал тоа од мене. Во ниедна претстава досега не сум пеела, бидејќи сум сметала дека немам слух за пеење. Веројатно од мали нозе ме имаат фрустрирано по дома. Никогаш не сум обидела да одам на „Глумците Пеат“, и секогаш сум велела дека јас сум актерка и јас глумам, а пејачите пеат. Меѓутоа она што Оги, успеа да го направи како музика, тоа толку органски ми дојде и толку е тоа следствено, значи не е песна -  изведба како оние на фестивали, туку е збор преточен во мелодија и навистина морам да признам дека се чувствувам многу комфорно. Од сега па натаму секогаш ќе пеам особено ако Оги прави музика. Значи,  за првпат пеам, за првпат сум полуразголена на сцена и за прв пат во животот на мојата долгогодишна кариера имам плакат каде што се вели: „Јелена Жугиќ во улогата на...“, тоа е навистина еден престиж за секој актер, на една рака можат да се набројат македонските актери кои што доживеале во својата кариера да имаат плакат посветен на „своето име во улогата на...“, а не само насловот на претставата. Втор пат работам со мојот ансамбл за овие три години. Првиот пат ги спознав како луѓе, сега веќе во овој процес ги спознавам и како професионалци, а во третиот процес се надевам дека ќе имаме уште поуспешна соработка“, изјави Жугиќ.

Актерската екипа генерално е задоволна од новиот проект, сите се согласни дека станува збор за мошне интересен сценско – музички спој на претстава која дефинитивно ги афирмира сите можности на еден актер, во дадена ситуација на сцена не само да глуми, туку и да танцува, да пее и да кажува текст.

„Јас би сакал да споделам едно мое доживување во врска со оваа претстава. Кога поминував во просторот што е позади сцената на една проба кога се работеше првата сцена на претставата ми се случи да доживеам едно чувство, еден ефект, кој е многу интересен.Истражував на интернет за да видам како точно се дефинира тој ефект, и еве сега ќе ви прочитам: на латински е „et aperuit os suum“ или ефект на подзинатост. Кога ги видов овие пет преубави дами што играат во претставата ми се случи тој ефект. А кога истото ова би го соопштил со фудбалска терминологија, би било вака некако: Наташа во оваа претстава постави игра на таргет плеер, тоа значи сите топки и сите акции да се водат преку центарфорот и тој да одлучува како ќе ја заврши акцијата“, сподели Атанас Атанасовски дел од актерската екипа кој ќе го видиме во улогата на Советникот.

Во однос на костимографското решение, театарската екипа одлучи диригентската палка да и ја довери на модната куќа Елена Лука, која на денешната прес – конференција ги однесе сите пофалби не само за одличниот дизајн, туку и за професионалниот однос. Елена Пандева, заедно со нејзиниот дизајнерски тим успеа да го провлече силниот карактер низ карактерот на другите костими.

„Прво би почнала од тоа дека јас самата исто така сум костимограф, затоа што впрочем требаше да студирам костимографија и сценографија, за театар и филм во Москва. За несреќа или за среќа се случи да не студирам, да завршам режија, меѓутоа костимот е многу важен сегмент за мене и за моите претстави и имам одлично чувство за тоа, а не станав костимограф само поради тоа што не сакам да одбирам материјали и да шијам, а според мене е голем проблем ако еден костимограф не знае да шие и да одбере материјал. Долги години соработувам со еден исклучително добар костимограф, Александар Ношпал, со кој имаме многу проекти заеднички направено и реализирано, се разбираме и точно знае што е и која е мојата естетика, затоа што е многу тешко да ги најдеш авторите соработници кои работат со тебе не само костимографот, туку и музичарот и кореографот и сето она што подразбира авторско креирање на самата претстава. Ние мора просто да се разбираме во оваа работа, но за оваа претстава кога веќе го склучивме договорот, со Театар Комедија, почнавме да размислуваме заедно со Јелена Жугиќ дека можеби за оваа претстава е добро да влезе една модна куќа која што е женска модна куќа, женски лидер што е особено важно во целиот концепт на оваа претстава. Значи ние како театарџии секогаш тргнуваме од вертикалата внатре во делото што го работиме и од таму понекогаш тргнуваме да ги бираме соработниците и сметавме дека е важно да биде жена во прашање и некако од друга страна знаејќи ја професионалноста на куќата, знаевме дека ќе го добиеме она што ни треба. Така се обративме на модната куќа Елена Лука, на наше обострано задоволство ја прифатија соработката и еве можам да кажам дека до сега за нас изработија доста костими и дека претставата ќе има еден свој печат. Мене лично многу би ми било драго ако оваа соработка не остане само тука, туку се развие и понатаму. Еве јас како поранешна модна дизајнерка, веднаш имам идеја за една колекција која би се викала Лиси, Лисистрата. Мислам дека ова може да се развие во некоја подлинија во линијата“ вели режисерката.

„За костимите кои ги носам на сцена, морам да кажам дека не е воопшто лесно да се носи Елена Лука како актер, тоа се костими кои имаат своја тежина, текстура, тоа се материјали, тоа се рачно везени работи, копчиња, тантели, тоа се интересни шавови и кројки и сето тоа треба човек да го износи во тој час и половина. Тоа не е едноставно, но за моја голема среќа, во динамиката на соработката одлично се снајдовме, затоа што ние со костимите работиме веќе десетина проби на сцена. Костимот е многу важно да се апсолвира, да знаете како да го износите, да знаете каде прави проблем, каде треба едно копче да се премести и притоа да не изгуби од естетиката на креаторот на костимот, меѓутоа од друга страна да може актерот да го износи и тоа е плус во улогата што се работи“,  одговори директорката на театарот.

„Честа беше голема Елена Лука да се вклучи во еден ваков грандиозен проект, кој што се работеше два месеци. Имаме пет женски и пет машки ликови и Лисистрата како водечки лик, еден инспиративен карактер, кој што сметам дека достојно ќе го прикажеме на сцена. Овие костими сами по себе, бидејќи имаат една кабаре позадина, мораат да имаат и  функција во однос на тоа како може ликот да се движи на сцена. Нормално дека основната форма, конструкцијата на моделите ја работевме заедно во соработка со целиот тим, за таа да кореспондира со идејата на режисерката, со тоа знаевме што точно треба да прикажеме на сцена. Морам од аспект на уметник и човек кој што се занимава со дизајн, да кажам дека изработивме вистинска уметност од модели, вклучивме многу богати материјали, доработки, многу додатоци, апликации и изработени шапки. Сите ликови имаат основен модел, зависно од поднебјето од кај што доаѓаат и тие костими претставуваат таков тип на печат на самиот лик., но голем број други дополнителни модели кои ќе продефилираат на сцената. „Лисистрата“, сепак, беше еден од најпровокативните карактери, како водечки лик, силината на Јелена Жугиќ не е едноставно да ја скротите и вака кога ја познавате приватно, а не пак да ја ставите во една таква улога, како што е нејзината во оваа претстава. Работевме доста со рачна работа, рачни изработки на шапки, зависно од тоа дали е кабаретска сцена во прашање или нешто друго, дали е воен лик во прашање...Јас сум презадоволна од тоа што е сработено и многу нормално ќе ги очекувам критиките на сите новинари и сите Ви кои ќе бидете меѓу публиката и ќе дојдете да ја проследите оваа претстава. За мене беше голем предизвик и еден голем испит, тест, се надевам дека достојно ќе се претставиме“, се заблагодари за одличната соработка, Елена Пандева, генералната менаџерка на модната куќа Елена Лука.

Од модната куќа пак, додаваат дека Елена Лука секогаш  е отворена и слободна за соработка и им претставува предизвик секој нов проект, посебно кога станува збор за изработка на костимографски решенија.

„Како модна куќа би рекле дека тоа се две различни гранки, пред се’ театарот е  една жива материја, до последен момент трпи промени, измени од текст, сценографија, земајќи ги во предвид постојаните проби, доаѓаат и се раѓаат нови идеи за подобра изведба и се разбира костимографски трпи измени. Колку што е важна визијата, подеднакво важна е и функционалноста на самите костими. Секој лик е обработен како посебен карактер и нормално костимот соодветствува на карактерот на ликот, дејствието и времето во кое се одвива. Голема е слободата на израз, зошто сепак се работи  за сценска игра, а не за секојдневна употреба. Често пати деталите се пренагласени и силни, за да не потонат во сценскиот простор“, ни открија од дизајнерскиот тим на куќата додадоа дека во модниот дизајн, во зависност дали се обработува нова колекција или кампања, има голема слобода на уметнички израз, но бидејќи се прави за поширока маса на луѓе и опфаќа одредена таргет група, а не конкретен лик и карактер, едноставно станува збор за сосем друг пристап.

Елена Лука  има работено уметнички ревии со длабок личен печат, пред се’ визуелно силни, но и функционални, што модата ја доближуваат до театарската сцена.

„Ова не е прв проект од ваков тип, веќе неколку пати сме изработувале костимографија за театар, опера, бал... Задоволство ни претставува еден ваков вид на соработка, затоа што станува збор за еден уметнички проект како што е „Лисистрата“. Овој пат имавме слобода да направиме спој на еден класичен кабаре костим, со промена и трансформација на костим во антика. Бидејќи сценографијата е богата со светло и проекција, во костимите користиме само неколку бои, преовладуваат бела, црна и златна.  За да се добие ефектот на лелеавост во женскиот костим, користевме транспарентни материјали, како органтин и тул со рачни доработки, апликации, камења и други детали и аксесоари. Направивме и класичен тип корсет и корсет од нетрадиционален материјал како силикон, кој потоа е рачно досликуван во боја за поголем ефект. И машкиот и женскиот костим ги одвоивме како во боја, така и во форма, според потребите на ликовите по текст, дејствие и време.  Имајќи предвид дека има силна и разиграна кореографија сите костими се предвидени да бидат крајно удобни, флексибилни и функционални“, ни посочуваат од Елена Лука.

Во претставата „Лисистрата“ од Аристофан, во режија на Наташа Поплавска, чија премиера е закажана за 21 - ви декември во недела играат: ЈеленаЖигич, Нина Деан, Кристина Ласоска, Зорица Стојанова, Жаклина Петровска, Атанас Атанасовски, Жарко Димоски, Едмонд Сотир, Валентин Костадиновски - Тино, и Илија Илиоски. Сценографијата е на Емил Петров, кореографијата на Олга Панго, за костимите се погрижи Елена Лука,а за музиката Огнен Анастасовски.

 

 

 

 

 

 

 

 

Објавено:
19 декември 2014
Категорија: 
Култура