Тилда Свинтон ви ја изложува модата како уметност

24 ноември 2014

Актерката Тилда Свинтон , заедно со директорот на модниот музеј Palais Galliera , Оливие Сајар, решија да му оддадат почит на едно од најпопуларните места во сите театри и музеи – гардеробата. Свинтон, веќе неколку години соработува со Оливие Сајар, директорот на парискиот моден музеј Palais Galliera на годишниот перформанс по повод фестивалот на градот Festival d’Automne. Во 2013 година тие го креираа „Eternity Dress “– фустанот кој беше создаден специјално за јавниот настап на актерката. Една година пред тоа беше дизајниран модел „The Impossible Wardrobe“, повторно специјално за Свинтон, а претставуваше спој на историски елементи и кроеви инспирирани капутот на Наполеон Бонапарта и шапките кои ги носела Сара Бернард.

Оваа година моделот кој го создадоа Сајар и Свинтон носи наслов „Cloakroom — Vestiaire Obligatoire“и веќе утре ќе биде изложен во музејот. Идејата на проектот е Свинтон да ги облече сите „заборавени“ облеки од гардеробата кои цела недела ќе бидат изложени во музејот. Интересниот дел е што изложбата на креациите нема да биде од класичен карактер, односно наместо моделите да висат на закачалка, нив ќе ги носи актерката која низ еден уметнички перформанс ќе се обиде да допре до историското културно модно наследство.

На генералната проба на изведбата присуствуваа неколку познати дизајнери кои беа фасцинирани од крајниот резултат на проектот. Албер Елбаз, Стела Тенант, Хајдер Акерман, Шарлот Рамплинг, Мартин Ситбон и Пјер Берже.

Впечатливите креации во чии шевови е зашиена историската епоха на која припаѓаат, а во самиот крој е вметната посебната ДНК на дизајнот кој бил карактеристичен за едно минато, се предизвик за актерката. Таа вели дека секој модел има нешто од неа.

„Нема врска дали тоа ќе биде мојот здив, влакно од коса, парфемот кој го имам на себе, остаток од кармин на јаките... чувството е зашеметувачко и магично“, вели Свинтон, која во изјавата за Њујорк Тајмс открива и детали за соработката со Сајар.

„Проектот се заснова врз наша заедничка идеја. Ние заедно ја изградивме со наш влог, труд, желба и иницијатива. На почетокот имавме замисла дизајните на моделите да немаат структура, туку да изгледаат круто и мошне едноставно. Сепак подоцна го сменивме ставот и сметам дека на еден свој непосреден начин модата ја претворивме во уметност“, објаснува актерката.

 

Објавено:
24 ноември 2014
Категорија: 
Култура