„Тоска“ утревечер во МОБ

17 јануари 2019

Во петок, 18 јануари, со почеток во 20 часот, во Македонската опера и балет ќе биде изведено едно од ремек делата на Џакомо Пучини „ТОСКА".

„Тоска" е приказна за трагичната љубов на Флорија Тоска и сликарот Каварадоси, прекината од еден злогласен шеф на полицијата (Скарпија) во Рим, во периодот на движењето за обединување на Италија.
Главните улоги ќе ги толкуваат Весна Ѓиновска-Илкова, Калин Братеску (Романија), Борис Трајанов.
Калин Братеску е романски тенор со неверојатно активна кариера. На македонската публика и е познат по настапот на отворањето на фестивалот „Охридско лето" во 2018 година заедно со оперската дива Елена Мошук. Помеѓу најголемите негови достигнувања во претходните сезони се вбројуваат и дебито во Националната опера на Рим, Стразбур, Кралската опера на Валони во белгискиот град Лиеж со Грчката национална опера, оперската куќа „Бастиљ" во Париз, Ковент Гарден во Лондон како и голем број други успешни претставувања во Романија и надвор од неа.

Весна Ѓиновска – Илкова е водечки драмски оперски сопран со совршена вокална динамичност и беспрекорна интонација. Остварила и безброј оперски и концертни настапи и е добитничка на највисоките државни награди и признанија.

Објавено:
17 јануари 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
372 пати