Трубата има нешто да каже...

10 ноември 2014

Доц. д-р Сали Салији е космополита, граѓанин на светот. Роден  во Гостивар, но животната судбина му исцртала богати географски траектории. Добар период од  животот живеел во Пријеполје, па го почувствувал и динамичното животно темпо на Германија, за да се реализира и како успешен академски граѓанин. Во моментов е редовен професор на катедрата за Филмска режија на престижниот факултет "Dokuz Eylul", во Измир, Турција. Неговата животна биографија е во директна релација со неговиот  документарен филм „ROCK THE TRUMPET: film koji ne želi biti dokumentaran“ кој беше прикажан на годинешниов македонски фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Преку длабоката социолошка суштина иронично раскажана со звуците на трубата, оваа вистинска приказна ни го олицетворува профилот на обичните луѓе од поранешна Југославија. Филмот е прв дел од Балканската музичка трилогија која продолжува со „Savdalinka“ и „Tamburica“.

 

На неодамнешното, 35-то јубилејно издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, беше прикажана македонската премиера на документарниот филм „ROCK THE TRUMPET: film koji ne želi biti dokumentaran“, зад кој Вие се потпишувате како режисер.  Како според Вас, домашната публика ја прими пораката?

Бидејќи Македонија беше една од поранешните републики на Југославија, темата на филмот и самиот филм се поврзани со нешто што не е толку непознато за публиката во Македонија, исто така и учесниците во филмот како што се Лазар Ристовски, Мирослав Илиќ, Бобан Марковиќ, лица познати на македонската публика. Сето тоа помогна во комуникацијата помеѓу мојот филм и самата публика и мислам дека потполно ја сфатија пораката којашто филмот ја има во себе и ја пренесува во врска со Трубачкиот Фестивал во Гуча.  Мене ми е посебно драго што публиката максимално уживаше во атракцијата на филмот, а тоа се двата стари рокери скоро од по шеесет години кои се наоѓаат во Гуча и го бараат трубачкиот оркестар кој ќе ја отсвири песната Satisfaction на легендарната група Rolling Stones. Зошто тие се во Гуча и зошто бараат оркестар којшто ќе ја отсвири токму таа песна, останува публиката да дознае кога ќе има прилика да го изгледа филмот. Искрено, јас сум задоволен од реакциите.

Како се развива приказната која како своја инспирација ја посочува трубата која истовремено е сржта на народните балкански песни и севдалинките, а од друга страна маестрално може да им даде нов призвук на антологиските рок химни, како на пример Satisfaction од Rolling Stones?

Бидејќи имам долго живеено во Србија, а тоа е земја која беше директно вмешана и казнета поради војната во Југославија… Преку филмот сакав да дознаам за јачината на самата музика во вакви ситуации, а тоа се ситуации кога човечките вредности се на најниско ниво. Сакав да дознаам што конкретно може да направи тој фестивал сега и можел да направи за време кога беше војна со таа музика отсвирена на труба, инструмиент кој има голем призвук на Балканот, а последните години и во светот. Значи, мојот филм генерално има врска со музика, поконкретно трубачката музика, меѓутоа во ниту еден момент ние не остануваме херметички затворени и настроени само кон тоа.  Затоа што се занимаваме со распадот на Југославија, филмот е поврзан со музиката во Југославија пред, за време и после самото распаѓање, како и јачината на музиката во Гуча. Можете да видите дека многу брзо после војната во Гуча се собираат луѓе од цела поранешна Југославија, што мислам дека не е нормално и вообичаено за други подрачја од светот. Ако зборуваме за рокерите и песната Satisfaction во мојот филм, веднаш можам да кажам дека тие како форма немаат врска со Гуча. Намерно кажувам форма бидејќи изгледот никогаш не ја кажува суштината и не кажува се, така и во овој пример, рокерите во филмот на еден парадоксален начин ни ги кажуваат најбитните нешта од горенаведената тематика и ни даваат многу битни критики од социолошки аспект за денешните опшества, а притоа  ја имаат и својата интересна приказна. Можам да кажам дека секаде каде што беше прикажан филмот досега (а работиме на тоа да биде прикажан на уште 5-6 интернационални фестивали), публиката извонредно ја прифати нивната приказна и со голем аптетит го чекаше крајот на филмот бидејќи енигмата околу нивната приказна се разоткрива баш на самиот крај.  Токму заради таа приказна филмот има поднаслов “филм кој не сака да биде документарен”, затоа што станува збор за приказна која има карактеристики на драма и црна комедија и не дозволува филмот да биде документарен во класична смисла.

 

Секоја приказна, независно дали е фиктивна или реална, има свои херои. Вие Вашата порака ја испраќате преку двајца рокери?

Да, тие истовремено се херои и самата иронија на Балканот, бидејќи “рокери во Гуча” имаат да кажат многу интересни работи во врска со трубата, со Гуча, со музиката воопшто и имаат своја прикзна. Во центарот на филмот сакав да поставам нешто што органски нема ама баш никаква врска со Гуча и со трубата, а од друга страна, кога ќе ги ислушаш и ќе ги видиш тие луѓе, ќе ти биде јасно дека тие се во право, а сите други одат на погрешна страна. Ја сакам иронијата и мислам дека таа има поголема моќ од било каква драматизација на било што.

Колку Вашата богата животна биорафија е блиска со оваа фасцинантна балканска тема која ја носи со себе филмот?

Уште на самиот почеток од интервјуто сакав токму тоа да го кажам, дека овој филм (прв дел од трилогијта наречена “Трилогија на Балканската музика”), како и целата трилогија имаат директна врска со мојот живот и местото каде што живеев, поточно со културата и покрај тоа што се работи за музика која јас не ја слушам. Но, побитно од сето тоа е социолошкиот домен на самиот филм и тоа е она што ме натера  да го направам. Сите оние што се занимаваат со филм знаат дека темелот на успехот е зборување на јазик којшто го знаат, раскажување приказни на луѓе и места којшто ги познаваш. Јас се потрудив тоа да го одработам не само затоа што е исправно, туку и поради тоа што тоа е тема која денес во себе содржи многу точки за критика. На пример, Фестивалот во Гуча форсира еден тип на “лудило”, а тоа е нешто што секој фестивал за било кој тип на музика го нуди т.е. го пружа. Тоа лудило е потрошен материјал, бидејќи публиката денес ќе го сака лудилото на Гуча, но утре ќе го заборави и ќе отиде на некое друго “лудило” кое тогаш ќе биде во тренд. Тоа е нешто што ја уништува трубачката музика, звукот на трубата, традицијата и ни помага да заборавиме на тој инструмент и нејзиниот фестивал. Мислам дека тоа не е нормално. Значи, моето минато и посебно овој социолошки феномен се тоа што ме натера да ја правам оваа трилогија.

 

ROCK THE TRUMPET својата официјална премиера ја имаше на 30. мај во Белград. Од тогаш филмот живее со полни гради. Каде се пропатува „звукот на трубата“ и каде следно ќе ги буди сетилата на публиката?

Филмот беше прикажан на посебна проекција во Измир –Турција, на којашто присуствуваа српскиот амбасадор од Анкара и конзулот од Измир, најавен беше и амбасадорот на Македонија во Турција, но поради одредени причини не беше во можност да дојде. Потоа, како што кажавте, премиерата се одржа во Белград каде присустуваа амбасадорот на Турција во Белград, Мехмет Кемал Бозај,  Лазар Ристовски, главните ликови од филмот, и мислам дека овој филм требаше да почне да се прикажува од своето место на раѓање, Белград. Од истите причини мислам дека премиерата на филмот за Севдалика кој се снима моментално, треба да започне од истото место. Филмот е прикажан на уште неколку интернационални фестивали и се надевам дека ќе достигнеме бројка од околу 20 фестивали. Моментално сум во преговори за прикажување на филмот на француско-германскиот канал Arte, така да јас лично сум задоволен со патот којшто овој филм го следи после светската премиера во Белград и посебно ми е драго што филмот за прв пат беше прикажан во мојата земја на еден многу битен фестивал како што е “Браќа Манаки”.

 

Објавено:
10 ноември 2014
Категорија: 
Култура