Уште едно збогување - почина режисерот Љубиша Гоергиевски

6 декември 2018

Во македонските медиуми утринава одекна веста за смртта на режисерот Љубиша Георгиевски. Екс директорот на Драмски театар, Роберт Велјановски, ја сподели оваа информација преку социјалните мрежи, по што се најде и во другите медиуми.

Љубиша Георгиевски е роден во Битола во 1937 година. Низ животот дејствуваше како театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

фото извор: ohridnews.com

Дипломира на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група „Театар и радио режија", во Белград, 1974. Како театарски режисер, има поставено преку 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предава теорија на театарот и актерска игра. Помеѓу другото, автор е и на десетина книги, а се потпишува и како режисер на неколку филмови. 

Покрај тоа беше дел и од политичкиот живот, па 1994 година беше еден од кандидатите за претседател, од 2000 до 2004 беше амбасадор во Бугарија, додека од 2006 до 2008 беше и претседател на Собранието на Република Македонија (2006-2008).

„Ако понекогаш блескав, тоа е само затоа што горев. Сакам да им се извинам на моите деца на кои навистина им недостасував. Знам дека тие сега ќе ми простат, па потоа пак ќе заборават и така тоа оди. Им се заблагодарам на мојата сопруга и на моите деца. Горд сум на моите студенти кои денес ја сочинуваат сржта на македонската филмска и театарска сцена, а им се заблагодарувам на сите актери со кои сум работел – од Македонија, Србија, Романија, Чешка...“, изјави Георгиевски во 2015 година кога прославуваше 55 години творештво. 

Објавено:
6 декември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
387 пати