Утре промоција на сликовницата „Девојче и мече“ од Ване Костуранов

15 април 2019

Познатиот македонски илустратор и автор, Ване Костуранов, утре ќе ја промовира новата сликовница насловена како „Девојче и мече“. Промоцијата ќе се одржи  во книжарницата „Литература.мк" на улицата „Македонија".

Книгата, која е во издание на „Либи", дел од „Арс Ламина – публикации", е топла, сонувачка приказна за другарството и за растењето.

Едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен, колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваат многу нови работи. Откриваат дека колку побрзо го возат велосипедот, толку посилно ветрот им ја дува косата. Се искачуваат на највисоките ридови, обидувајќи се да ги допрат сончевите зраци. Уживаат во есента, играјќи си криенка со сонцето. Сѐ прават заедно, додека еден ден...

Доколку сакате да дознаете повеќе, бидете дел од дружбата со авторот, девојчето и мечето, утре во 19 часот.

Авторот на книгата, Ване Костуранов, е роден во 1979 година во Струмица. Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, реши да си ја оствари сам, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство.
„Девојче и мече“ е втора сликовница за деца и возрасни на Костуранов, по успешната и наградувана „Ѕвездено дете“.

Објавено:
15 април 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
121 пати