Уживајте во сите форми на уметноста #воншаблон на Fashion&Lifestyle Expo

30 март 2017

Вчеравечер во фоајето на Македонската опера и балет, официјално беше отворено второто издание на Fashion & Lifestyle Expo што годинава се одржува под мотото #воншаблон.

И годинава љубителите на уметноста, на едно место може да уживаат во нејзините различни форми, од музика и кулинарски специјалитети до креативни дизајнерски решенија на декоративни елементи и дизајнерска облека.

Официјалната програма вчера беше отворена со сет на Dj Danny Begic, по што следуваше пијано концерт на пијанистот Бобан Мирковски, во придружба на пијанистот Дино Имери и балетски перформанс на Студио "Балерина".

Потоа Armarium ја претстават последната колекција кошули – Sexy-wear it daily, а вечерта ја заокружи џез-бендот – Филип Стевановски.

Тука ќе ги видите изложени и инвентивните дела на студентите од Институтот за мода „Изет Цури", „воншаблонските" креации на Nan Demo, креативните решенија на студиото „Smart", софистицираните дизајни на Iskra&Lidya и уште бројни други изложувачи кои опфаќаат различни аспекти на уметноста.

Второто издание на ISKRA&LIDIYA BLUEPRINT COLLECTION на дуото Искра Михајловска и Лидија Георгиева, означува нова, возбудлива соработка. 

-Се работи за софистициран дизајн за дом, кој произлезе како плод на соработка со брендот за производство на предмети за внатрешно уредување ТАЛИЈА. Во чекор со најновите тенденции, дизајниравме отпечатоци врз луксузни материјали кои се споија со префинетата изработка на брендот. Овој интимен универзум на дизајн за дом - перници, завеси, зидни декорации, е креативен спој на мода и архитектура. Со богата биографија помеѓу Париз и Скопје нудиме производ на искуство во дизајнот и визуелните уметности. А „Талија" како бренд со 27 годишно присуство во домовите, со оваа соработка влегува во универзумот на дизајнерски производи – изјави Лидија Георгиева.

Кога сме веќе кај домашното уредување, поразговаравме и со дел од тимот на креативното судио Smart. Тие постојат веќе една година и имаат широка палета производи.

-Креативното студио „Simple" постои веќе една година. Ние сме единствената фирма во Македонија која што е сертифицирана за производите што ги изработува, и тоа од стопроцентен органски памук. Целта е секојдневниот живот да го направиме поинтересен и поубав. Имаме уникатни дизајни, правиме дури и производи по нарачка. Ако некој дојде со некаква интересна замисла, ние може да ја реализираме. Од пижами, преку додатоци за кујна (престилки, ракавици), правиме и постери, слики и сл, со што нудиме и услуги на графички дизајн - вели Ана Настевска, управител на студиото.

Во понудата можат да се видат и чаши, перници, торби итн.

-Имаме рачна изработка на кукли, односно мечиња за најмалите што се изработуваат од памучен конец. Дизајнот на сите производи е интересен, привлекува внимание и задоволни сме од досегашниот одзив на клиентите за нашите производи и тоа ни дава мотив да продолжиме и понатаму - додава Настевска.

Програмата продолжува денес и утре, а доколку сакате детално да се информирате за агендата, погледнете ја на овој линк. Влезот за сите посетители е бесплатен.

Во каква атмосфера помина отворањето, погледнете во галеријата во продолжение.

Објавено:
30 март 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
646 пати