Си замина доајенот на македонската народна песна

Вања Лазарова: И кога ми било најтешко, сум пеела...

12 март 2017

„Со маки сум се родила, со жалости јас ќе си умрам“... Веруваме дека ова се стиховите што на секој од вас му дојдоа на ум по веста за заминувањето на големата уметница, 86-годишната Вања Лазарова денеска во Скопје.

фото извор: vest.mk

Доајенката на македонската песна е родена на 27-ми април 1930 во с. Страцин, Кратовско, во музички надарено семејство. Нејзиниот татко бил пратеник од времето на Кралството Југославија. По завршувањето на учителското училиште, станаува игроорка во „Танец". Подоцна е учителка во оркестарот „Пеце Атанасовски" каде на своите ученици им ја пренесува љубовта кон музиката.

- По завршувањето на учителското училиште, станав играорка во „Танец". Бев премногу срамежлива за да пеам, а и кога пеев тоа беше само во дует. Дури подоцна почнав да пеам сама и тоа, практично, принудно. Имено, останав единствен женски вокал во „Танец" и тогаш морав да ја совладам срамежливоста... Годините минати во „Танец" ми се многу драги. Имав можност да ја претставувам културата на мојата земја и да го покажам македонското културно богатство низ целиот свет. Без лажна скромност ќе кажам дека каде и да одевме ја кревавме публиката на нозе. Во Лондон имавме чест да настапиме пред кралицата Елизабета Втора и пред Винстон Черчил во познатиот Ројал Алберт хол. По настапот не чекаше публика која сакаше наши автограми, а весниците беа полни со пофални зборови за нашиот настап и за македонскиот фолклор. Настапував пред многу значајни личности, пред државници и аристократи, а морам да признам дека имав желба да настапам пред претседателот на некогашната СФРЈ, но таа желба не ми се оствари... - вели Лазрова во едно од ретките интервјуа за „Македонска нација" во 2010 година.

Во текот на кариерата, Лзарова пее со различни фолклорни ансамбли. Беше член на ансамблот на Македонската радиотелевизија, а настапувала и со Македонската филхармонија. Таа е првата македонска пеачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи „Полиграм“ и „Филипс“. Добитник е повеќе меѓународни музички награди. Настапувала и на голем број концерти на повеќе континенти. 

-Јас сум воспитана така да не вреднувам се низ призмата на денарот. Песната е на прво место. Сепак, денес некои други звуци, не изворно македонски ,се слушаат повеќе на радиостаниците. Во ред, и таквата музика има свој круг слушатели, нека се слуша. Но, да се потиснува македонскиот фолклор е непростливо. Овде повторно ќе се потсетам на зборовите на големиот руски етномузиколог Мојсиев. Тој рекол: Кога одиш низ Босна не пеј, ќе те натпеат; кога одиш низ Србија не играј, ќе те надиграат; а кога си во Македонија ниту пеј, ниту играј, затоа што ќе бидеш и натпеан и надигран. Мене најголемата награда ми е што младите ме знаат, што бараат автограм, што ме почитуваат. Имав свои ученички во рамките на оркестарот „Пеце Атанасовски" на кои сакам да им ја пренесам својата љубов спрема изворната народна песна. Да, љубов. Кога се пее изворна песна, тука нема одредени правила, строго поставени. Секогаш им велам дека треба да пеат со душа, од срце, така најдобро ќе ја отпеат песната, треба да ги чувствуваат мелодијата, текстот... - објаснува тогаш Вања.

фото извор: mkd.mk

Помладите генерации веројатно најмногу ја паметат по нејзиниот придонес во музиката од филмот „Пред дождот" на Милчо Манчевски, кој доби награда „Златен лав" на фестивалот во Венеција во 1994 г. 

Некои ќе кажат дека „Со маки сум се родила“ е песната која како навистина да ја отпеала за себе. Поради лошата здравствена состојба, Лазарова последните години од животот ги помина во дом за стари лица. Неверојатно музикална, со впечатлив глас што ви одѕвонува и со огромен придонес со македонскиот фолклор, таа сепак се најде заборавена од институциите, но и од јавноста.

Сепак, гласот на нејзинтие најблиски и почитувачите по ова прашање беше слушнат, па Вања во 2014 година, првин ја доби државната награда „11 октомври“, по што потоа ѝ беше обезбеден статусот национален уметник а со тоа и националната пензија.

 За секогаш да остане запаметено нејзиното творештво, помогна и  продуцентската куќа „Трето уво", која ги издаде нејзините први три албуми: „Македонски традиционални љубовни песни" - кој е дистрибуиран во Европа, Америка и Јапонија, „Ритмистика" — во соработка со водечки македонски музички имиња и „Лулка" - во соработка со американскиот гитарист Мирослав Тадиќ. Нејзиниот последен албум „Генофонија" е во соработка со групата Нав.

фото извор: telegraf.mk

Исто така, во 2015 година беше одржана и премиерата на документарниот филм „Со маки сум се родила“, каде сценарист и режисер е Синиша Ефтимов, а реализацијата е на продуцентската куќа „Медиа броадкастинг" и Агенцијата за филм на Македонија.

„Кога ми било најтешко сум пеела, и тоа тажни песни. Народните песни ми лежат на срце, новокомпонираните не ми одат. Нашиот фолклор е ритмичен, богат со ритам и мелодија. Ги чувствувам песните и се расплакувам“, вели Вања во филмот.

Сега пак, веруваме дека сите почитувачи на нејзиниот лик и дело и сите што ја познаваа ќе запеат по некој стих, ќе се сетат на нејзиниот глас и така ќе се носат со тагата, како Вања некогаш.

За Fashionel пак, своите сеќавања и искуства со Вања ги споделија дел од познатите личности.

Елена Ристеска

„Една од најведрите личности што сум ги запознала, еден од најоригиналните изведувачи на традициоанална македонска музика. Кога ќе ја чујам „Со маки сум се родила“, ме потсетува на нејзината изведба и на неа. Нашиот дует беше за „Што да правам, што да чинам“, на етно фестивалот „Balkan Music Square“ и една од моите најдраги соработки со оглед на разликата во годините и со оглед на тоа дека тоа е едиствениот дует што го отпеала со некого. Искрено жалам за нејзиното заминување и секогаш ќе ја паметам по нејзиното исклучително мило лице и добра душа, но и секако, нејзиниот специфичен вокал“, вели Елена Ристеска.

„Единствен вокал, прекрасна жена. Ова е голема загуба за македонската музика. Вања беше национално богатство и тагата ја преточуваше во музика, како симфонија на вокалот", ќе каже Тијана.

Тијана

Своето жалење го изразија и Каролина Гочева, како и вокалот на групата „Љубојна“, Вера Милошеска Јосифовска.

„Не можам да кажам дека ја познавав, сум ја сретнала еднаш или два пати пред многу години, ми останала во сеќавање како тивка, скромна и ненаметлива женичка. Секако, еден од најавтентичните изведувачи на изворна музика што оваа земја некогаш ги имала, а нејзините изведби ќе останат како некои од највредните парчиња музичка историја. Прво што ми паѓа на памет е нејзината прекрасна, сетна изведба на „Со маки сум се родила“. Луѓе како неа никогаш не може да бидат заборавени“, вели Каролина.

 

Вера Милошевска Јосифовска од „Љубојна“

 „Жена со лице како сонце и срце со место за сите. Мали игриви очиња, чиниш секоја искра топлина крие нови тајни, звуци и излици. Беше префинета везачка - еден од нејзините омилени везови се викаше „Селани и граѓани“, со разнобојни цветови на него и цела животна философија. Она што го зборуваа нејзините очи, таа можеше да го преточи во бескрајна музичка фраза, која долго резонираше од темето до нејзиниот мал прст и целиот простор наоколу. Ме научи: „Пеењето е состојба на душата! Кога пеам, цела приказна ми оживува пред очите...“. Не е само едно од грлата на македонската песна. Не! Таа е највозвишениот пејачки израз на една женска енергија. Современа и автентична до бескрај. Таа беше сè што светот препознава кај големите певици! А за мене, секогаш срдечната и топла тетка Вања... Почивај во мир и со сета Божја милост“, се сеќава Вера од групата „Љубојна“.

Објавено:
12 март 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
4.205 пати
Тагови: 
Вања Лазарова