Васил Хаџиманов на Неделата на дизајн во Скопје со промоција на шестиот албум “Alive”

24 ноември 2017

Реномираниот српски џез пијанист со македонско потекло Васил Хаџиманов со неговиот бенд ќе свири вечерва на Неделата на дизајн во Скопје. Лани прославија 20 години работа, а сега го промовираат шестиот албум „Жив" (Alive), прв албум што го снимиле на живо во пет различни места, кој реномираниот магазин „Даунбит" (DownBeat) од САД го прогласи за едно од врвните изданија на 2016. Зачинот на вечерта на приземјето на Јавна соба ќе го додаде диџејот Александар Мисковски.

Третиот ден на ова седмо издание на Неделана на дизајн во Скопје е прилично динамичен. Во тек се работилниците на кои 20 дизајнери и наставници од регионов ќе бидат обучени од британски ментори да изведуваат настава за дизајнерско размислување за деца од 10-18 години. Обуки на наставниците од 23-26 ноември ќе ги изведува Ноам Сохачевски од Британија, а самите програми за деца ќе стартуваат во Македонија и останатите земји во регионот од јануари, 2018. Ова е првата програма за дизајнерско размислување за деца, во соработка со Неделата на дизајн во Скопје, Британскиoт совет и Швајцарската претприемачка програма Свис контакт.

Денес јавна соба е епицентар за архитекти, дизајнери и производители, каде преку презентациите за искуство во продукт дизајнот изнесено од страна на Доротја Кис од YouHU, и аксесоари за велосипеди од Будимпешта на Пејпер Спокерс (PaperSpokers) - Зсофија Бако, ја заокружуваме денешната работна програма. Она што нам ни е најдраго дека оваа Недела на дизајнот во Скопје донесе интересна публика земјава и странство. – изјави Марија Нововиќ Јовановска од организацијата на Skopje Design Week

Викендот на 25 и 26 ноември е резервиран за можеби најдобрата музичка програма досега на Неделата на дизајн во Скопје.

На 25 ноември од Берлин доаѓа реномиранот македонски џез гитарист, композитор и аранжер Георги Шарески. Автор е на 7 албуми со оригинална музика, а на концертот во Скопје ќе свири со Оливер Јосифовски („Љубојна") на бас, и Виктор Филиповски („Фиерс") на тапани.

На 26 ноември, денот посветен на годинешната земја во фокус Унгарија, ќе свири унгарскиот секстет „Михаљи Борбељи Балкан џез проект". Предводен од унгарскиот саксофонист Михаљи Борбељи, бендот свири музика со моќни ритми, елегантно транспарентни, лирски мелодии и френетични танцови песни што се комбинираат со одличен ефект.

Повеќе инфо за музичката програма на Неделата на дизајн во Скопје 2017:
http://www.ministryofpleasure.net/stage.html#

Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со меѓународната платформа Балканска мрежа за дизајн.

Сите активности на Неделата на дизајнот се отворени во Јавна соба и Лукс мебел и расветa секој ден од 8:00 до 01:00 часот, а влезот е слободен.

Објавено:
24 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
146 пати