Викендов на Неделата на дизајн во Скопје - Дизајн размислување за деца и за наставници

25 ноември 2017

Неделата на дизајнот годинава ја лансира првата програма за дизајнерско размислување за деца, во соработка со Британскиoт совет и Швајцарската претприемачка програма Свис контакт.

„Дизајнерското размислување стана една од најкористените рамки со кои луѓето се охрабруваат да истражуваат, да бидат иновативнни и да создаваат прототипови. Со оглед дека на Балканот од една страна има недостиг на обучени професионалци кои ќе ги понудат своите услуги, а од друга има огромен интерес кај родителите и институциите, Јавна соба, Солвео и Британскит совет во Скопје заедно со партнерските организации од Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија и Романија и Дизајн клуб од Велика Британија ја покренаа програмата за обука за дизајн размислување за деца", велат организаторите.

Во 4-дневната програма, 20 дизајнери и наставници од регионов ќе бидат обучени од британски ментори да изведуваат настава за дизајнерско размислување за деца од 10-18 години. Обуките на наставниците од 23-26 ноември ќе ги изведува Ноам Сохачевски од Британија, а самите програми за деца ќе стартуваат во Македонија и останатите земји во регионот од јануари, 2018.

Викендов на 25 и 26 ноември ќе се одржат и две детски работилници, на кои под водство на балкански експерти децата од 7-14 години ќе научат да развијат дизајнерски производ од идеја до реализација, како и да дизајнираат и да создадат прототип на мобилна апликација.

Денешниот ден се затвора со настапот на Диџејот Феки Ферис (DJ Fecky Farris) и фантастичниот звук на реномиранот македонски џез гитарист, композитор и аранжер Георги Шарески, кој доаѓа директно од Берлин. Автор е на 7 албуми со оригинална музика, а вечервав ќе свири со Оливер Јосифовски („Љубојна") на бас, и Виктор Филиповски („Фиерс") на тапани.

Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со меѓународната платформа Балканска мрежа за дизајн.

Сите активности на Неделата на дизајнот се отворени во Јавна соба и Лукс мебел и расветa секој ден од 8:00 до 01:00 часот, а влезот е слободен.

Објавено:
25 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
185 пати