Виртуозот на виолина Роман Симовиќ со Македонската филхармонија

26 јануари 2018

„Чајковски и Бетовен" е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи на 31 јануари (среда) во 20 часот. Како солист ќе настапи еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти - Роман Симовиќ (1981), моментно концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, а во исто време е ангажиран и како концерт-мајстор со Марински театар и со Минхенската филхармонија.

Симовиќ за македонската публика ќе го изведе еден од најпопуларните концерти за виолина, виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.
Диригент овој пат е нашиот маестро Борјан Цанев, а оваа вечер ќе биде изведена и Симфонијата бр. 1 од музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен.

Роман Симовиќ се издвојува од останатите виолинисти по неговата брилијантна виртуозност со неограничена имагинација. Заедно со неговиот вроден талент за музика, овие квалитети ќе го однесат на светските сцени, настапувајќи со врвни оркестри и диригенти. Наградите се уште една потврда за неговата исклучителна уметничка физиономија: Родолфо Липицер (Италија), Сион-Вале (Швајцарија), Јамполски виолинскиот натпревар (Русија), Хенри Виењавски (Полска), кои го сместија меѓу најзначајните виолинисти од неговата генерација. Како солист, настапувал со врвните ансамбли како што се Лондонски симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на театарот Марински од Русија, Камерниот оркестар „Франц Лист" од Унгарија, Камерата Берн од Швајцарија, Камерата Салцбург од Австрија, Филхармонијата на Прага итн., со диригенти како што се Валери Гергиев, Антонио Папано, Даниел Хардинг, Џанандреја Носеда, Кристијан Јарви... Настапува на речиси сите значајни фестивали за класична музика и соработува со врвни уметници како што се Јуџа Ванг, Готје Капусон, Миша Мајски, Шломо Минц, Џулијан Рахлин, Симон Трпчески...., а негова пасија е и камерното музицирање. Основач е на реномираниот гудачки квартет „Рубикон", а како професор постојано одржува мастер-класи во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Црна Гора, Израел...

Симовиќ свири на виолина од марката „Страдивари" од 1709 година. Овој виолинист имал поинаков пат од своите колеги кои денес егзистираат на светската сцена. Роден е во Русија, неговиот дедо е Црногорец кој морал за време на Информбирото таму да емигрира, татко му е од Украина, додека неговата мајка е Русинка. Со семејството емигрирал од Украина во 1991 година, во најлошото време за овие простори, во време на војна, инфлација, ембарго. И самиот вели дека бил принуден да си замине и од Украина, каде што, исто така, ситуацијата била лоша. Студирал на Академијата во Цетиње, а со стипендијата којашто ја добил од државата заминал во Москва на постдипломски студии кога почнала и неговата сериозна уметничка приказна. Вели дека Русија му го сменила животот и дека неговата професорка Марина Јашвили му наметнала нов начин на размислување на свирење на виолина.

Објавено:
26 јануари 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
899 пати