Вклучи се. Со срце за секоја една!

25 ноември 2017

Насилството погодува една од три жени и девојчиња ширум светот. За да запре ова огромно прекршување на човековите права, семејството на Обединетите Нации во земјава и оваа година го одбележа Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените на 24 ноември и се приклучи на глобалната кампања „16 Дена активизам против родово базирано насилство", која ќе трае до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Мотото на кампањата оваа година е „Вклучи се. Со срце за секоја една." и таа ќе опфати низа акции осмислени како „Да го обоиме светот во портокалово: Да ставиме крај на насилството против жените и девојчињата", кои ќе вклучуваат осветлување на Собранието на РМ во портокалово, можност сите да постираат свои пораки против насилството за да ја покажат својата поддршка на социјалните медиуми, како и низа дебати и работилници ширум земјата.

Вчера Собранието на Република Македонија, заедно со мноштво значајни знаменитости низ планетата, заблеска во портокалово, обојувајќи го заедно со нив светот во портокалово во поддршка на ставањето крај на насилството врз жени и девојчиња, со што беше означен почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство".

Постојаната координаторка на Обединетите нации во земјата Луиза Винтон, цитирајќи ја изјавата на Генералниот секретар на ООН истакна дека „насилството врз жените во основа се однесува на моќта. Тоа ќе сопре само кога родовата еднаквост и целосното јакнење на жените ќе станат реалност."

Кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство" има за цел да ја подигне свеста и да поттикне конкретни чекори кои ќе помогнат да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата ширум светот, и се случува секоја година во текот на 16 дена во периодот помеѓу 24 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Во текот на овие 16 дена активизам во земјата ќе се одржат бројни активности кои ќе вклучуваат поддршка од јавни личности од различни сфери, можност сите да постираат свои пораки против насилството за да ја покажат својата поддршка на социјалните медиуми, како и низа дебати и работилници ширум земјата.

Објавено:
25 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
131 пати