Влезниците за Стинг од 1990 денари!

1 јуни 2017

По информацијата дека Стинг на 15-ти октомври ќе доаѓа во Скопје, Македонците буквално полудеа. Коментарите беа различни, но секако најголем интерес владееше за цената на влезниците.

Од „Авалон“ продукција денеска објавија соопштение со сите официјални информации.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба од утре, 2-ри јуни, точно во 9 часот наутро преку продажната мрежа на „Купи Карти За Сè“ и „Југотон“, по следниве цени и категории:

ПАРТЕР- 1990 денари

ФАН ПИТ- 3000 денари (само 1000 влезници)

SILVER SEATS- 2.990 денари

GOLDEN SEATS- 3.500 денари

VIP ПАКЕТ кој вклучува влезница и примерок од новиот албум на СТИНГ „57th & 9th“- 6.000 денари (исклучиво со резервации на телефон: 077/945-505, секој ден од 10 до 16 часот освен сабота и недела).

„Поради досега навистина незапаметен интерес за концертот на STING во Македонија, иако во моментов е пролет 2017 год, а концертот е наесен, им препорачуваме на сите што се заинтересирани да си набават влезници веднаш!“, велат од „Авалон“.

Поради бројните забелешки на изборот на местото каде што ќе се одржи концертот (салата „Борис Трајковски“), како сала која нема соодветно озвучување, според мислењето на повеќето граѓани, од продукцијата дадоа објаснување и за тоа:

„ Стинг како и на целата светска турнеја, така и во Скопје, доаѓа со комплетно сопствена продукција, што значи дека звукот, светлото и видеото во Скопје ќе бидат истите како и низ целиот свет. Во долгогодишната историја на концерти на „Авалон“ продукција во Македонија, ваков случај досега сме имале само со концертот на Лени Кравиц во Охрид во 2008 година.

Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека салата во „Борис Трајковски“ после изработката на акустиката (пред околу 4 години), ги има сите услови за овој тип на концерти на ниво на било која сала во регионот и во Европа. Како доказ за тоа се концертите во изминативе две години што „Авалон“ продукција ги работеше таму: „Вајтснејк“, „One Republic“, Енрике Иглесијас „Бијело Дугме“...“, се вели во соопштението.

Инаку, концертот на музичката ѕвезда во Скопје носи префикс на ексклузивен, не само поради фактот што Стинг е првиот од А-листата на артисти од светската музичка индустрија што доаѓа во Скопје, туку и поради тоа што концертот се одржува во сала со капацитет два до три пати помал од останатите сали низ Европа и светот каде што Стинг настапува, па ова е ретка можност за Македонците да се сретнат одблиску со неверојатниот музичар. 

Објавено:
1 јуни 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
280 пати