Вратете ги „Тоблероне“ триаголниците!

8 ноември 2016

Додека цела Америка бруи за денешните избори, Британците од друга страна се вознемирени од новиот изглед на легендарната чоколада „Тоблероне“.

Одлуката на компанијата „Моделез интернешнал“ да го зголеми просторот помеѓу добропознатите триаголници ги изнервира купувачите.

Тие велат дека новиот облик на чоколадото воопшто не им се допаѓа, дека „ги сакаат старите триаголници назад“ и дека за сè е виновен „Брегзит“.

Со зголемувањето на просторот помеѓу триаголниците компанијата ја намали грамажата на чоколадите од 400 и 170 грама на 360 и 150 грама.

-Одлучивме да го смениме обликот за да ја задржиме истата цена за купувачите. Зголемувањето на цената на состојките, односно намалувањето не е условено со „Брегзит“, иако ситуацијата не помогна многу – објаснија од компанијата.

Сепак, оваа изјава не ги смири обожавателите на чоколадото.

„Ја разбирам логиката во намалувањето на грамажата, но зошто толку голем простор помеѓу триаголниците. Мислам дека изгледа глупаво. Можеа само да ја скратат, а да го задржат оригиналниот дизајн“, „Прво Брегзит, па сега ова“, „Се чувствувам предадено. Купувам „Тоблероне“, очекувам нормално чоколадо, а го добивам ова! “, се само дел од коментарите.

Дали страстите ќе се смират наскоро и овој чекор нема да се одрази драстично врз продажбата на „Тоблероне“ останува да се види.

Како на вас ви се допаѓа новиот дизајн?

Објавено:
8 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
4.463 пати