Време е за креативност - започна 10-от Скопје постер фестивал

15 ноември 2017

Со конференцијата за медиуми и изложбата „Современ МКД плакат“ вчера започна 10-тото издание на „Скопје постер фестивал“, манифестација која има за цел да ги примени и претстави глобалните трендови и насоки по кои се движи графичкиот дизајн на постерот пред македонската јавност.

Лазе Трипков, почесен претседател на фестивалот, Гере Постеров, како и гостинот од Хрватска, Свен Сориќ, кој воедно е член на годинашната жири-комисија и говорник на фестивалската дизајн конференција вчера во просториите на Музеј на град Скопје зборуваа за она што посетителите можат да го очекуваат на ова јубилејно издание, а воедно и како тие гледаат на изминатата деценија.

-Годинава се проширивме и сакавме изданието да биде малку посвечено. За разлика од другите години, програмата овој пат ќе биде на пет локации. Исто така, во рамки на истата ќе покажеме и како дизајнот може да ги решава општествените проблеми, а преку панел дискусијата „Дизајн за социјална инклузија“. Во рамки на овие неколку дена ќе се одржат и неколку работичници, а финалето на некој начин, ќе се случи в четврток (16.11), кога ќе се случи изложбата на 100-те финалисти од 10-тото издание и ќе бидат прогласени и победниците – најави Гере Постеров.

На ова се надоврза Лазе Трипков, кој се пошегува дека овој јубилеј всушност означува дека фестивалот влегол во пубертетски години.

-Тоа значи динамичност и промена на расположенија, но ние ќе се трудиме таа промена и темпо да ги прикажеме преку креативноста. Многу се радуваме што Скопје постер фестивал прерасна во нешто сериозно, вистинско место за млади креативци и ентузијасти. Од овде произлегоа многу дизајнери, што потоа се претставуваа и твореа и надвор од рамките на Македонија. За овие 10 години прераснавме во сериозен бренд кој воедно стана и советодавно тело за дизајн – посочи Трипков.

На прашањето дали целта со која пред 10 години започнал Скопје постер фестивал е осварена, основачот на фестивалот ќе каже:

-Почнавме со идеја да им овозможиме простор на домашните креативци, односно тука пред сè мислиме на студентите да го покажат својот талент. И тоа без да мора да вложуваат. И ние сме биле студенти и знаеме што значи претставувањето или учеството на некоја манифестација од ваков тип. Затоа, одлучивме сосема бесплатно да им овозможиме да се претстават пред публиката, а воедно со секоја нова година станувавме фестивал што има едукативен, естетки и куратоски карактер. Во тоа успеавме, но она што ќе треба да работиме уште е будење на култоролошката свест. Нашиот најголем проблем е турбо-фолкот. Не е лошо во иднина да посветиме едно издание и на оваа тема. На пример, ние ги лепиме плакатите за Скопје постер фестивал, но после 15 минути врз нашите се лепат плакати за некој турбо-фолк концерт и така се губи фокусот – потенцира Лазе.

Исто така, организаторите открија дека годинава има дури 4 Македонци меѓу финалистите, што особено ги радува, особено што последните години македонските креативци не беа многу застапени.

-Се надеваме дека годинава или следните ќе имаме победници Македонци, како што тоа беше првите три години и ќе ги мотивираме македонските студенти да бидат во што поголем број присутни – истакна Гере.

Инаку, годинашнава тема е „Вештачката интелигенција и реалноста“. Организаторите посочија дека темата побудила интерес кај голем број креативци, па пристигнале преку 2.000 постери, од кои сасмо 100 треба да бидат наградени, задача што велат, нема да биде ни малку едноставна, но потенцираат дека ќе се водат по јасни критериуми наведени во правилникот за учество.

И Свен Сориќ потврдува дека задачата нема да биде лесна.

-Сакам да кажам дека на Хрвоје Спудиќ и мене ни е особено драго што ќе бидеме дел од ова издание на Скопје постер фестивал. Имено, и јас потекнувам од една ваква манифестација. Како студент се пријавив и победив и тоа всушност беше мојот начин да се пробијам и светот да дознае за мене. Вештачката интелигенција и реалноста е инспиративна тема која изгледа многу позната, а всушност кога ќе почнете да размислувате за неа, сфаќате колку малку знаете. Навистина пристигнаа одлични решенија и не знам како ќе дојдеме до бројката од 100, тоа навистина ќе биде предизвик – потернцира Сориќ.

Инаку, изложбата на овие двајца млади и амбициозни креативци насловена како This Town Needs Posterrs project е закажана за вечерва, во „Брик бар“ со почеток од 20 часот.

-Сориќ и Спудиќ го воздигнаа медиумот плакат на ново ниво. Користат материјали достапни околу нас, мастило и се она што го рефлектира плакатот врз кој работат. Нивните аналогни плакати се ХИТ – порачуваат организаторите.

Што уште ќе се случува до 25-ти ноември во рамки на „Скопје постер фестивал“ и зошто не треба да го пропуштите, можете да дознаете ТУКА и ТУКА.

Крајниот заклучок е дека вакво нешто му е потребно и на Скопје и на Македонија. Во рамки на целната група и засегнатите од ваквото дејствување, Скопје постер фестивал функционира и повеќе од одлично и го има заслуженото место и почит. Она што недостасува е поголема заинтересираност од пошироката јавност и медиумите, кои на конфернцијата за жал ги имаше во многу мал број, но и институциите, со цел пораката, дејноста и влијанието на овој настан да ги добијат вистинските размери.

Желбата на организаторите е да траат и понатаму, да прераснат можеби во биенале, а ние тоа им го посакуваме.

Објавено:
15 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
311 пати