Врвни светски дизајнери на „Скопје Kреатива 2017“

18 април 2017

Фестивалот за креативни индустрии „Скопје Креатива 2017" и оваа година ќе ја оправда улогата на проект што нуди поинаква приказна, ги поддржува и промовира уметниците и дизјанерите што работат во Македонија, но и секоја година носи звучни имиња од странство од областа на дизајнот. Така и овојпат на фестивалот од 4-6 мај во МКЦ, доаѓаат врвни светски дизајнери што ќе одржат работилници и предавања во рамки на програмата. Во продолжение ви ги најавуваме годинашните гости на „Скопје креатива". Во прилог се и фотографии од гостите.

Фрaнк Циренберг, проeктен директор на IF DESIGN AWARD (International Forum Design), настан што има завидна 64-годишна историја во областа на дизајнот. На презентацијата на „Скопје креатива 2017" тој ќе ја претстави оваа престижна награда за дизајн, како и глобалната платформа за дизајн и наградата за талентирани студенти по дизајн. По добивањето на универзитетска диплома во областа на индустрискиот дизајн во 2003 година на Универзитетот за наука и уметност во Хановер, Германија, Циренберг работи за IF (Интернационалниот форум за дизајн). Исто така е координатор на IF во Бразил, Индија, Холандија, Турција, Кореа и Јапонија, и редовно одржува комуникација и соработка со интернационални клиенти. Живее и работи во Германија.

Михал Пиерниковски, директор на престижниот „Лоѓ дизајн фестивал" во Полска. Овој фестивал е роден во Полска во 2007 година како локална иницијатива за подоцна да прерасне во еден од најголемите културни настани во земјата. Тука се отвораат актуелни прашања поврзани со уметност и дизајн, а меѓу активностите што се одржуваат се конференции и изложби, како и конкурс за дизајнери од различни земји. Пиерниковск е ентузијаст во областа на урбаните активности и дизајнот, организатор е и коорганизатор на многу проекти поврзани со креативните индустрии како што се (Ad Days Advertising Festival, Creative Industries Conference, Art Inkubator and Fotofestiwal). Коосновач е на „Лоѓ арт центар", член на тимот што работи на промоција на дизајнот надвор од границите на матичната земја.

Теодор Лихо, познат бугарски визуелен уметник, дизајнер, истражувач и едукатор. Работи на Софиската академија за уметности, отсек за адвертајзинг и дизајн, а работи во областа на графичкиот дизајн, стратегии за развој на адвертајзинг кампањи, нови медиуми и современи уметнички форми. Студирал на Sofia Gymnasium of Fine Arts (1980-85 г.) и на Sofia Academy of Arts (1987-92 г.). Постдипломски завршил на Free University во Брисел (2008-2009), а држел мастер класи во Холандија, Германија и Франција. Има импозантна интернационална кариера во областа на дизајнот (Бугарија, Романија, Холандија, Белгија, Франција, Германија, Србија, Египет, САД, Мексико, Јапонија, Кореjа и Кина). Член е на жирија на многу интернационални натпревари за графички дизајн и адвертајзинг. Во својата работа се фокусира на социјална провокација и поигрување со стереотипите. Живее и работи во Софија и во Брисел.

Сониа Јојиц, албанска дизајнерка, која во моментов предава на одделот за архитектура и дизајн на Универзитетот Полис во Тирана, Албанија. Магистрирала на Вејн Стејт Универзитетот во Мичиген, САД, во областа на медиуми, комуникации и дигитална уметност, а се образувала и на Универзитетот на Ферара, Италија, каде се фокусира на методологиите на брендирање за одржлив туризам. Јојиќ е една од главните организатори на конференцијата „Улогата на креативните индустрии како инструмент за економски развој и регионална соработка CEI (Central European Institute), на „Tirana desgn week, 2015", координатор на „Идната платформа за архитектура" во Албанија. Редовно организира работилници во Албанија, Италија, САД, како и на Балканот. Универзитетот Полис во Тирана, Албанија, каде што предава, од 2006 година во фокусот ги става креативните индустрии низ истражувања во областа на архитектурата и дизајнот, посебно посветувајќи внимание на едукација на студентите и нивно инволвирање во локални и јавни проекти и програми за научно истражување.

Објавено:
18 април 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
105 пати