Заблуди и вистини за лицата со Даунов синдром

21 март 2016

Светскиот ден на лица со Даунов синдром се одбележува денес. Она што порано беше големо табу, денес е тема за која сè повеќе се зборува и се рушат стереотипи.

Токму, во чест на овој ден, ви ги презентираме најголемите заблуди за овие лица, со примери што го докажуваат токму спортивното.

1.Не можат да имаат успешна кариера

Ова е можеби и најголемата заблуда или мит за овие лица. Меделин Стјуарт (19) модел од Австралија за која многу пати сме пишувале е само еден од примерите. Тим Харис пак, е уште едно лице со Даунов синдром што успеа да си го оствари сонот – да има свој ресторан. Не само што успешно го води, туку има и своја веб страна.

Тим Харис


2.Не можат да имаат романтична врска или не ни сакаат да имаат

Не само што можат и сакаат, туку  се венчаваат и имаат деца и семејство како и сите други. Впрочем, се сеќавате на Цако и Флоренс.

 

3.Не живеат повеќе од 40 години

Во 1983 година, животниот век на лицата со Даун беше 25 години. Поради здравствените компликации, што често се поврзани со нивната попреченост, во последните децении особено се работи на подобрување на здравјето на овие лица, што резултира со животен век од 60 години, па и повеќе. Доказ за тоа е и Кени Кридџ од Англија, кој минатиот месец го прослави својот 76-ти роденден.

Кени Криџ

 

4.Не чувствуваат болка

Ова е уште една голема заблуда. Нивната реакција на болка не е секогаш очигледна. Едно истражување од 2000-тата, објавено во медицинското списание „Lancet“, посочува дека овие лица ја изразуваат болката побавно за разлика од останатите. Но, тоа не значи дека болката не треба да се третира исто како и кај сите други луѓе, дури и во моменти кога има отсуство на очигледен знак на болка.

 

5. Сите луѓе со Даунов синдром си личат

Да, тие имаат некои препознатливи знаци, како закосени очи или низок раст, но тоа не значи дека сите си личат меѓу себе. Напротив, тие наликуваат повеќе на своите родители отколку на другите лица со Даунов синдром.

 

6. Сите лица со Даунов синдром имаат зголемена тежина

Не. Нивниот забавен метаболизам има врска со тоа што често лицата со Даунов синдром имаат зголемена тежина, но со правилна исхрана и вежби, тоа може да се регулира. Впрочем, како и кај сите други луѓе.

 

7.Лицата со Даунов  синдром не можат да одат или спортуваат

Неможноста да се чекори не е поврзана со Даунов синдром и не е негова карактеристика. Што се однесува до спортувањето, постојат бројни атлетски вежби, за развивање на физичката активност. Насекаде низ светот постојат спортски тимови што вклучуваат и луѓе со Даунов синдром, а дел од нив можеме да видиме и на Параолимписки игри.

Челси Вернер шампионка во гимнастика

 

8. Секогаш имаат тешка форма на когнитивна попреченост

Иако когнитивното оштетување е честа појава кај лицата со Даунов синдром, сепак, поголемиот дел од времето се работи за блага до средна попреченост. Најчестите проблеми со кои се соочуваат се:

-кратка фокусираност

-импулсивно однесување

-бавно учење

-побавен говорен и јазичен развој

Но, овие појави се сметаат за „тешки“ само кај мала група случаи. За тоа како ќе се развиваат, многу придонесува квалитетот на едукација, домашното опкружување, здравствената грижа, околината...

 

9.Не можат да читаат, пишуваат, одат на училиште

Со соодветни едукатори и внимание, лицата со Даунов синдром можат да постигнат сè – и да читаат и да пишуваат. Повеќето од нив денес завршуваат основно и средно училиште и тоа редовно (јавно) училиште, а сè повеќе се запишуваат на факултет. Александар Матовски Цако е првиот студент на Педагошкиот факултет во Скопје со Даунов синдром, има своја емисија, пишува поезија...

 

10. Не се вешти со рацете

Не само што можат да пишуваат, како што е кажано погоре, туку голем број од лицата со Даунов синдром се занимаваат со уметности. Бернардет  Реша е позната уметница  (сликарка) со Даунов синдром, која се појавува и во бројни тв реклами, музички спотови и магазини.

Бернарет Реша

Покрај тоа што убаво слика, таа свири и виолина. Нашата Елизабета Петковска (44) за која и претходно пишувавме, изработува накит. Во насока на ова, ви пренесуваме и информација з работилницата, каде лицата со ваков вид попреченост учеа на каков начин можат да ја изразат креативноста. За инклузивен дизајн: од лица со различни способности за лица со различни потреби прочитајте во продолжение:

Елизабета

 

Минатата недела во Европскиот универзитет во Скопје, а во пресрет на Светскиот ден на лица со Даунов синдром, се одржа креативна работилница што во центарот на вниманието го става токму инклузивниот дизајн. 

Инаку, секоја година на Светскиот ден на Дауновиот синдром, фокусот се става на одредена тема. Оваа година, темата е „Моите пријатели, мојата заедница", а целта на работилницата, во организација на Факултетот за Арт и Дизајн при Европскиот Универзитет и здружението за промомоција на општествена инклузија, „Инклузивни решенија Скопје“ е токму тоа - на  креативен начин да покаже колку соработката со заедницата е важна за процесот на инклузија. 

Маја Ѓуреска (десно)

Специјален едукатор беше Росица Колева од „Инклузивни решенија Скопје“, која е и наша соговорничка.

Во тридневната работилница учествуваа Емануела Јосифовска, Анастасија Чадо и Моника Ангелевска кои се студентки по моден дизајн, студентките Тина Виторовиќ и Даниела Коцевска од отсекот графички дизајн, Маја Ѓуреска и Гордана Божиновска кои се вработени на факултетот, како и пет момци и девојки со Даунов синдром - Никола Колев, Оливер Блажевски, Моника Бисовска, Елизабета Петковска, Флоренс Герет и нивната  пријателка Лаура од Шуто Оризари.

-Идејата за инклузивна соработка се роди уште пред три години кога Никола, млад човек со Даунов синдром, беше поканет на факултетот за Арт и Дизајн да одржи презентација пред група студенти за своите желби, предизвици и потреби во секојдневието. Студентите, инспирирани од презентираното, започнале да размислуваат за дизајн-решенија кои би им помогнале на лицата со попреченост да бидат посамостојни, но и такви кои би ги стимулирале помалите деца да развијат различни вештини – вели Колева.

Три години подоцна, по уште една одржана презентација, од страна на младиот Александар, кој исто така има Даунов синдром и креативна работилница за новогодишни честитки, се раѓа идејата за изработка на конкретен производ – сет од кукли – кој би бил изработен на инклузивен начин и би бил применлив за работа со лица со различни способности.

Играта со кукли е избрана како тема бидејќи дава можност за соживување со одредена приказна преку нејзина конкретизација и како активност може да биде многу инклузивна – применлива е со деца на различна возраст, како и со лица со различен тип на попреченост. Така на пример, поради тактилната манипулација, куклите се погоден начин да се долови приказната за лица со оштететен вид, а преку можноста која ја даваат за “влегување во кожата“ на ликовите, можат да бидат корисен метод за поттикнување комуникација кај деца со говорни тешкотии, интелектуална попреченост и аутизам.

Росица Колева со братот Никола

-Вклучувањето на лицата со Даунов синдром во изработката одеше толку природно, како отсекогаш да соработувале со студентите. Моника, Оливер, Флоренс и Никола беа постојано активни со сечење, шиење, лепење, но и подучување. Бети, која поседува одлични плетачки вештини им покажуваше на своите „соработници“ како се изработува торбичка и украси во форма на цветови - потенцира Росица.

И за професорката Маја Ѓуреска процесот на взаемно учење бил клучен за кај студентите да се појави иницијатива за создавање на бренд на производи кои би ги следеле принципите на инклузивен дизајн.  Следен чекор по изработката е тестирање на производот по градинки и негова промоција – и во овој процес е предвидено активно да бидат вклучени лица со попреченост.

Ова е мал придонес во чест на овој ден, со што повторно сакаме да алудираме на тоа дека работите можеби некогаш се навистина тешки, но не и невозможни.

А вие што сакате денес да им укажете чест и почит на лицата со Даунов синдром, можете да облечете шарени чорапи, или налакирајте се во различни бои, другарувајте со нив, доколку познавате такво лице во својата околина и покажете дека ја поддржувате различноста. И тоа не само денес.

Објавено:
21 март 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
4.460 пати