Замина уште еден великан: Почина актерот Миша Јанкетиќ

15 мај 2019

Во српските медиуми денеска одекна веста за смртта на познатиот актер Михајло Миша Јанкетиќ. Тој почина во 80. година од животот во својот дом во Белград.

Последните години живее повлечено и подалеку од очите на јавноста. Сепак, во едно од ретките интервјуа, во 2017 за магазинот „Глорија“ ќе зборува за заминувањето од театарската, но и животната сцена.

фото извор: novosti.rs

„Немам чувство дека зачекорив во деветата деценија во животот. Го чувам сеќавањето на себе од времето кога бев најсилен, во секоја смисла, а тоа се моите шеесети. За жал, тие не можат вечно да траат. Сега само сакам здравјето да ме служи, да бидам колку што е можно подолго со своето прекрасно семејство. На време ја задоволив суетата, така својствена за уметниците. И не само на нас, туку и на лекарите, адвокатите, архитектите. Ние за нив сме мали деца, но за нас најмногу се зборува во тој контекст. Немам амбиција во „стари денови“ да правам нешто ново, да напредувам во кариерата. Остварив голем дел од желбите што ги носев со себе уште од младоста. Може да се рече дека сум остварен човек, а тоа е и повеќе од доволно. Рефлекторите веќе полека се гасат, еден по еден, кога веќе ќе ги нема, ќе биде тоа неминовен, природен крај на моето битисување на сцената. А и во животот“, говореше тогаш актерот.

Јанкетиќ беше четири децении во брак со балерината Свјетлана Кнежевиќ, со која има четири деца.

фото извор: opcija.net

Роден е на 24 мај 1938 година во Нови Сад. Средно училиште завршил во Белград. Студирал книжевност на Филозофскиот факултет во Белград, но по три години, во 1958 година станал студент на Академијата за театар, радио, филм и телевизија, на која дипломирал во 1962 година во класата на професорот Мате Милошевиќ.

Публиката ќе го памети по бројните театарски, филмски и телевизиски улоги, меѓу кои „Сиви дом" (1984-1985), „Бољи живот" (1987-1991), „Среќни људи" (1993-1996), „Породично благо" (1998-2002) .. Добитник е на сите најзначајни актерски и општествени награди - „Добричин прстен", „Октомвриска награда", четири Стериини награди , наградата „Павле Вујисиќ" за животно дело...

 

 

Објавено:
15 мај 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.573 пати