Заврши снимањето на третата сезона на „Преспав“

2 ноември 2018

Заврши снимањето на третата сезона на македонскиот ситком „Преспав“ во студиото на националниот сервис МРТВ. За помалку од еден месец, снимени се дваесет епизоди, а премиерно ќе почнат да се емитуваат кон средината на декември, на првиот канал на МРТВ.

Третата сезона од овој успешен и одржлив проект се реализира во копродукција на ОХО и МРТВ, што несомнено ќе ја збогати програмата на националниот јавен сервис.

„Уште еднаш покажавме дека умееме да направиме ситком по модел што ќе им послужи дури и на нашите колеги од регионот, како и на идните генерации.

Снимивме дваесет епизоди за помалку од еден месец, односно, по  една епизода на ден. Квалитетот говори на стандардите што ги поставивме уште во првите две сезони. Снимањето беше интензивно, но, со претходна систематска подготовка на сите сектори на продукцијата – изводливо и реално.

Како продуцент, би сакал да искажам голема благодарност до тимот на ОХО, соработниците од МРТВ и сите професионалци кои беа дел од екипата и овозможија да се случи третата сезона на Преспав“ – изјави Пеце Талески, продуцент на Преспав.

Во новата сезона, главните улоги ќе ги толкуваат: Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Јана Маринова, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Игор Џамбазов, Васил Зафирчев, Горан Стојаноски, Адриан Азири и Дритон Вејсели.  

Идејата и концептот на „Преспав“ се на Елеонора Венинова и Пеце Талески, а режијата на Игор Иванов Изи, Вардан Тозија и Дина Дума. Сценаријата ги напишаа: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Александра Миланова, Бојан Трифуновски, како и сценаристите од Бугарија, Алек Попов и Делјана Манева.

„Преспав“ е ситуациска комедија што успешно ги прикажува македонските стереотипи, како и апсурдните состојби во кои запаѓаме и живееме. Сето тоа преку свесно конструирање на ситуациите што се случуваат во серијата, што се поклопува со нашиот амбиент и менталитет. Притоа, со хумористичен пристап, овој уникатен медиумски продукт негува длабоки врски со својата публика, која со нетрпение ја очекува премиерната епизода од третата сезона.  

Објавено:
2 ноември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
285 пати