Збогум Васил Шишков

22 декември 2014

Последното деноноќие помина во знак на неверување за веста која не само што ги потресе сите „театарџии“ и културни уметници, туку и целата држава, прераното заминување на синот на бардот на македонскиот театар, Васил Шишков.

Иако живееше во сенката на својот татко и постојано тежнееше да ја достигне неговата големина, Шишков секако ќе остане запаметен како голем актер и голем човек, боем, прв детски симпатија од „Светот на бајките“ и бунтовник од „Бумбари“.

Последната улога, Васил Шишков ја одигра во претставата „Вечната куќа“, каде му беше доверена задачата да го игра митскиот македонски актер, неговиот татко, Ристо Шишков.

Театарот е храброст, лудост, ризик, сетилно отворање, борба, контра – будилник во состојба на ментална стагнација, храна и бесконечност на вашата фантазија. Се ова и многу повеќе му пружи Шишков не само на театарот, туку и на филмот и како таков засекогаш ќе остане запаметен во театарската историја на Македонија.

Бумбарите секако ќе останат како музичко фикционален документ на едно не толку дамнешно време кога се одбираше вистински пат. Се надеваме дека Ти, голем човеку, го најде својот.

Објавено:
22 декември 2014
Категорија: 
Култура