Збогување со спортската легенда - Почина Ники Лауда

21 мај 2019

Во светските медиуми вчеравечер одекна веста дека легендата на Формула 1, Ники Лауда (70) почина. 

„Со длабока тага објавуваме дека нашиот сакан Ник, во понеделникот, почина мирно во кругот на семејството. Неговите достигнувања како спортист и бизнисмен ќе останат незаборавни. Тој е пример за сите нас, беше добар и грижлив сопруг, татко и дедо. Ќе ни недостига", стои во соопштението на семејството на Лауда, а пренесено од медиумите во Австрија.

За помладите генерации, кои што можеби и не слушнале за ова име, Ники Лауда е трикратен шампион на Формула 1, со освоени титули во 1975, 1977 и 1984 година. Зад себе има 171 трка за „Марч“, „Ферари“, „Брабхам“ и „Мекларен“.

 

Еден од најзапаметените моменти, за жал, ќе остане и несреќата од 1976 година, една година по освојувањето на титулата. Имено, за време на трката во Германија, тој доживува несреќа, при што останува заробен цела минута во болидот кој се запали. Тоа ќе му донесе изгореници од трет степен на главата и лицето, но и ќе предизвика вдишување на токсични материи.

Токму тоа ќе биде причина за понатамошни здравствени проблеми - две трансплатации на бубрезите во 1997 и 2005 година. 

Сепак, после несреќата успева неверојатно брзо да се врати на спортот, односно по само 40 дена и да освои уште две титули. 

фото извор: thestar.com

Во 2018 ќе биде хоспитализиран поради инфекција на белите дробови, по што му била извршена и трансплатација на белите дробови.

Како пренесуваат странските медиуми, токму и нарушеното здравје било причина за смртта на легендата.

Инаку, по пензионирањето, Лауда ќе стане успешен бизнисмен и ќе инвестира во авиокомпанија, а до неодамна беше и неизвршен директор на „Мерцедес“, а исто така придонел многу за кариерата и успехот на Луис Хамилтон, кој пак досега има освоено 5 светски титули.

фото извор: indianexpress.com

Лауда е роден на 22 февруари 1949 година во Виена, а зад себе ја остави сопругата Бригит Ветзингер и пет деца - близнаци со сопругата и уште три деца од претходните врски и брак.

 

 

 

Објавено:
21 мај 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
584 пати
Тагови: 
Ники Лауда