Збогување со уште една легенда: Почина актерот Марко Николиќ

3 јануари 2019

Во српските медиуми вчеравечер одекна веста за смртта на уште една актерска легенда - Марко Николиќ. Истата се прошири и низ Балканот, па обожавателите, колегите и сите оние што уживаа во талентот на Николиќ и него како личност, се простуваа од него со најубави зборови.

Веста прва ја соопшти неговата ќерка Мина, објавувајќи нивна заедничка фотографија на социјалните мрежи, со наведен датум на раѓање и смрт. Потоа, истата за пошироката јавност ја потврди и РТС.

Николиќ е роден на 20. октомври 1946 година во Краљево, а дипломира на Факултетот за драмски уметности во Белград. Пред актерството да стане неговата најголема љубов, тој се занимава со кошарка, фудбал, велосипедизам. Од 1970 година станува член на „Народно позориште“ и зад себе остава преку стотина остварени улоги.

Балканската публика го препознава најмногу благодарение на улогата на Гига Моравац во серијата „Бољи живот“, која во јануари 2017 година прослави 30 години од емитувањето на првата епизода. 

Во една пригода за „Блиц“ ќе изјави дека причината за популарноста на оваа серија треба да се бара во семејството - кое во било кои општества и под било чија власт е најмногу загрозено, а на публиката и' е секогаш на прво место.

-Кога се тешки времиња, најзагрозено е семејството. И средната класа. Серијата успеа исклучиво поради тоа. Секоја генерација која ја гледа, има свој омилен јунак. Најмладите го сакаат Боба, некои се фокусираат на Виолета, нејзината кариера, некои на односот маж - жена, недостаток на пари, плаќање сметки... И денес е слично. И кога Синиша Павиќ повторно би напишал неколку епизоди од „Бољи живот“, во семејството Попадиќ повторно би постоеле проблеми.

Токму Лидија Вукуќевиќ, која ја толкуваше Виолета во серијата, имаше едно од најемотивните збогувања со актерот:

„Сигурна сум дека смртта е само видлив прекин на љубовта. Те сакам Гиго и секогаш ќе го сакам мојот телевизиски татко“, напиша актерката. 

Николиќ во април минатата година за српските медиуми откри дека во 2015 имал здравствени проблеми, односно карцином, поради што се повлекол од јавноста. Стравот од смртта ќе го натера да престане да пие и пуши. Ќе успее да ја победи болеста и да се врати на актерството, остварувајќи неколку проекти, помеѓу кои и улога во серијата „Сенке над Балканом“, која се емитуваше и кај нас.

Зад себе ги остави ќерките Сенка и Мина, како и синот Никола, но и бројни улоги со кои публиката „живееше“ и се „соживуваше“ и кои ќе го остават неговиот траг вечен!

фото извор: modno.rs

 

Објавено:
3 јануари 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
943 пати
Извор: 
blic.rs