Здружението Ајнштајн го креираше првиот фонт за дислексија во Македонија

10 мај 2019

Здружението за дислексија АЈНШТАЈН во партнерство со Филозофскиот Факултет Скопје, ИТ компанијата Emit Knowledge и со поддршка од издавачката куќа Арс Ламина денеска организираше промоција на првата асистивна технологија за дислексија во нашата држава и промоција на 40 лесно читливи лектирни изданија прилагодени за учениците со дислексија.

Комисијата за информатички технологии и комуникации при Филозофскиот Факултет го креираше првиот кириличен фонт DyslexicFZF кој го олеснува читањето кај лицата кои се соочуваат со дислексија. Во периодот од јануари до март 2019 година се спроведе и научно истражување за да се утврди влијанието на фонтот DyslexicFZF врз способноста за читање кај лицата со дислексија. Како дел од проектот "Асистивна технологија за дислексија" компанијата Emit Knowledge врз основа на DyslexicFZF фонтот бесплатно ја креираше првата Македонска додавка за пребарувачот Google Chrome "Бато" која обезбедува помош при читање на интернет содржините за лица со дислексија.

Според Дамјан Николовски, претседател на здружението Ајнштајн денешниот настан е од особена важност бидејќи токму денеска се поставуваат темелите на асистивната технологија во нашата држава. Тој вели дека со помош на додавката "Бато" и фонтот "DyslexicFZF" значително ќе се подобри читањето кај лицата кои се соочуваат со дислексија и потешкотии во читањето.

Марјан Николовски сопственик на компанијата Emit Knowledge вели дека значењето на додавката "Бато", на нашите простори, е всушност "постариот брат" кој е тука да се грижи за нас кога ни е најпотребен. Целта на додавката е да се подобрат разбирањето на прочитаното и да поттикне независност во читањето кај корисниците кога читаат веб содржини. Тој вели дека БАТО може да се користи на секоја веб страна која е во формат на колумна. При активација на додатокот, БАТО ќе ги направи следните трансформации:

 Ќе ја пронајде главната содржина/статијата на веб страната;
 Ќе ги пронајде релевантните слики;
 Ќе го аплицира DyslexicFZF фонотот и одбраниот стил;
 Страната визуелно ќе биде променета со цел да се овозможи фокусирано читање;

Проф. д-р Каровска Ристовска од институтот за специјална едукација и рехабилитација вели дека основната цел на постоењето на DyslexicFZF фонтот е да го олесни читањето на овие лица, преку задоволување на нивните читачки потреби. Во однос на прашањето како фонтот ќе им помогне на лицата со дислексија М-р Маја Филиповска вели дека со оглед на тоа што презентирањето на текстот има значаен ефект врз способностa за читање, DyslexicFZF фонтот помага да се зголеми читливоста на еден текст и на тој начин да се зголеми флуентноста во читањето кај лицата со дислексија.
Во последно време сведоци сме на поразителни резултати во однос на читачките навики на децата во нашата држава особено кај учениците со дислексија, но токму Арс Ламина веруваат дека ново криеираните книги ќе ги поттикнат децата со дислексија да ги развиваат нивните читачки навики и да ја засакаат книгата.

"Арс Ламина публикации, преку својот импринт Либи, издаде 40 нови лектири за основно образование, кои се привлечни и лесно читливи за учениците за децата со дислексија. Се работи за поголем дел од листата на лектири за основно образование одобрени од Министерството за образование и наука. Лектирите се уредени со помош на специјален фонт и според светски утврдени технички стандарди, заради што се одобрени и препорачани и од Здружението за дислексија „Ајнштајн" и Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје" вели Бранка Бугариска Директорка на Издаваштво во Арс Ламина.
Фонтот DyslexicFZF и додавката Бато можете бесплатно да ги превземете преку веб страните на Здружението за дислексија Ајнштајн www.disleksija.org.mk или www.dyslexia-info.com .

Проектот "Асистивна технологија за дислексија" финансиран од програмата за грантови на проектот „Промени за одржливост" финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Конект во партнерство со фондација Аполонија и Центарот за даночна политика.

Објавено:
10 мај 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
747 пати