Живата икона на современата доба Грејс Џонс доаѓа на EXIT!

29 март 2018

Една од најважните светски уметници на современата доба, револуционерната музичка икона, супермодел и филмска ѕвезда, вистински бесмртната – една, единствена и неповторлива Грејс Џонс (Grace Jones) доаѓа на ЕГЗИТ!

Оваа несекојдневна личност доаѓа од највисоката и последна класа „вонземјани", од кои многумина на Земјата оставија неизбришлива трага и нажалост веќе заминаа – Боуви, Принц и Мајкл Џексон, го менуваа светот со неа. На главната сцена на фестивалот ќе ни покаже дека уште пред Мадона, Лејди Гага и Ријана, на кои таа им е најголемо влијание, прва ја воведе авангардната уметност и високата мода во светските музички текови. Ненадминливиот „Вог" (Vogue) ја прогласи за „ултимативна модна муза", а музичкиот авторитет „Ролинг Стоун" за „неодолива уметница, модна икона и симбол". По премиерата на филмскиот фестивал во Торонто, долго сниманиот документарен филм за животот на фасцинантната арт-рок аристократка, „Grace Jones: Bloodlight & Bami", ќе има и своја светска кино-премиера оваа пролет, токму пред старт на нејзината турнеја со која доаѓа и на Тврдината во Нови Сад!

Јамајчанката од високото друштво, кариерата ја започнува како супермодел во Париз и Њујорк, работејќи опкружена со модните колоси како што се Ив Сен Лорен, Карл Лагерфелд, Кензо Такада и Џорџо Армани, а лично Исеи Мијаке ја одбира да му биде водечки модел на историската ревија во Токио во 1976-та година. Нејзиното лице ги краси насловните на магазините „Вог" и „Ел", а ја фотографираат лично Хелмут Њутон и Ги Бурден! Грејс набргу се најде во заводливиот вртлог на најгламурозната дискотека на сите времиња, њујоршкото Студио 54, чија ѕвездена клиентела станува нејзин најголем фан, пред сѐ двајцата великани на уметноста од 20-тиот век, Енди Ворхол и Кит Харинг, но и бројните глумци и диско магнати, засекогаш маѓепсани од нејзината, речиси боженствена појава. Сепак, неа како живо уметничко дело ја создаваше и нејзиниот сопатник и славен француски уметник Жан Пол Гуд, кој нејзината дива и несопирлива енергија, вродена андрогиност и натчовечност ја претвори во неисрцплива низа незаборавни сценски и телевизиски настапи („One Man Show", 1982), како и фотографии кои уште со векови ќе ги красат галериите, музеите и учебниците по историја на уметноста. Меѓу нив е и, како што ја нарекуваат медиумите, „една од најпознатите фотографии во историјата на поп културата", насловната страница на компилацискиот албум „Island Life", но и плејада други, рачно доработени фотографии од времето кога зборот „фотошоп" означуваше занаетчиски дуќан, а не семоќен софтвер. Ретко познато е и дека токму љубовта со Гуд е причината поради која Грејс ја одбила главната улога во култниот филм на Ридли Скот – „Blade Runner"!

Својата неверојатна ментална и физичка подготвеност, Грејс и денеска со леснотија ја претставува на најголемите светски фестивали и сцени, со раскошни сценски настапи кои предизвикуваат сеопшто восхитување кај публиката. Само исклучителните уметници постојано се трансформираат и фасцинираат, а Грејс Џонс е вистински експерт за тоа! Кариерата ја започнува рушејќи ги дотогашните стереотипи за тоа како би требало да изгледаат модните модели, но набргу ја открива и својата вистинска љубов – музиката. Веќе во 1977-ма го објавува првиот од вкуно десетте студиски албуми, со култниот диско хит „ I Need A Man", како и фасцинантната обработка на „La Vie En Rose" на славната Едит Пјаф! По диско ерата, нејзиното јамајчанско срце се пронаоѓа во соработката со славниот реге тандем Слај енд Роби (Sly & Robbie) кој го креира ултимативниот хит „Pull Up to the Bumper" со кој дури седум недели остануваат на врвот на Билборд топ листата. Набргу следува и фамозната „Libertango" на Астор Пјацола чија славна тема ја обработува во големиот хит „I've Seen That Face Before".

Како светската музичка сцена, но и современата уметност генерално би изгледала без нејзиното влијание, е речиси незамисливо, бидејќи огромен број уметници ја наведуваат токму Грејс како свое влијание, пример или инспирација. Медиумите пишуваа и за обидите на Лејди Гага да оствари соработка со Грејс Џоунс, која таа ја одбива со јасна порака: „Младите поп ѕвезди се прават пионери без навистина да ризикуваат нешто". Без разлика дали се во прашање музичките или модните трансформации, провокациите или впечатливите настапи, едно нешто е сигурно – Грејс тоа прва го направила и овогодишниот ЕГЗИТ ќе биде животна прилика оваа, вистинска историска личност и современа икона да се доживее во својот полн сјај на најголемата сцена на Фестивалот.

ЕГЗИТ фестивал ќе се одржи од 12-ти до 15-ти јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад и ќе ги претстави некои од најбараните светски ѕвезди како што се Migos, David Guetta, Ziggy Marley, Fever Ray, LP, Alice Merton, Nina Kraviz, Richie Hawtin, Adam Beyer b2b Ida Engberg, Maceo Plex, Solomun, Amelie Lens, Ben Klock, Jax Jones, Ofenbach, Mahmut Orhan, Carl Craig, Tale of Us, Sevdaliza, Burak Yeter, Madball, Brujeria, Ofenbach, Slapshot, Dog Eat Dog, Slaves, Idles, Asphyx, Bombers и многу други. Влезниците по промотивна цена со 60% попуст од финалната, за 3.580 денари се продаваат во Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат) , а на сајтот на официјалната туристичка агенција, exittrip.org се достапни и туристички пакети кои покрај влезницата, содржат можности за сместување и превоз до ЕГЗИТ фестивал.

Објавено:
29 март 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
129 пати