Импозантното отворање на Д Фестивал го преполни Дојран со позитивна атмосфера

15 јули 2017

Д ФЕСТИВАЛ синоќа официјално ја започна новата фестивалска авантура во Дојран, која уште со својата прва фестивалска вечер потврди дека деновиве сме дел од најголемото и најмасовното издание на Фестивалот досега и тоа исполнето со неверојатно позитивна енергија, како никогаш досега. Илјадници посетители на Фестивалот пристигнаа и ги заземаа своите камперски места во распродадениот фестивалски камп уште ден пред почетокот на Фестивалот, а од тогаш нови фестивалџии постојано пристигнуваат. Сместувачкиот капацитет во Дојран е исто така исполнет до својот максимум и веќе неколку дена речиси да е невозможно да се најде слободно место.

Повеќе од 10.000 посетители на Д ФЕСТИВАЛ веќе ја создаваат единствената фестивалска авантура во Македонија на која програмата вчера започна со првата панел-дискусија „Meet the Parents" на која говрници беа организаторите на Д Фестивал, а на нивната средба со посетителите се дискутираше за сите аспекти од организирањето на Д Фестивал и во најпријатно дружење беа споделени желбите и искуствата кога се вакви настани во прашање.

Музичката програма започна со првиот концерт во Church Stage каде што AMPLIDYNE EFFECT и VEDIS создадоа магична концертна атмосфера, за потоа таа да продолжи со отворањето на Mosquito Stage – најголемата бина во фестивалкиот камп која овој ден беше резервирана за фановите на најжестокиот гитарски звук претставен како D-XTREME stage во соработка со Terrorvoid Promotions и експлозивните настапи на претставниците на метал-музиката SINISTER, SHOCK TROOPERS, TRENDKILL и SHELL SHOCK.

Во меѓувреме, додека дел од првите кампери веќе го содзадоа својот дом за наредните три дена и ги пречекувавме оние кои допрва ги поставуваа своите шатори, посетителите во текот на целиот ден уживаа и во различните работилници, изложби и рекреативни зони.

Вечерта, очекувано сите посетители се упатија кон главната бина на Д ФЕСТИВАЛ на која имавме чест во најдобрата атмосфера да уживаме во одличните концертни настапи на RONI SIZE, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, S.A.R.S., ДА ЏАКА НАКОТ и FUNK SHUI! Подиумот пред главната бина беше целосно исполнет со повеќе од 10.000 весели и еуфорични фестивалџии кои создадоа најпозитивна атмосфера за одбележување на почетокот на Фестивалот и покрај дождот кој претходно во ноќта го зафати Дојран, но кој се чинеше немоќен да делува врз импресивното доживување туку само дополнително „налеа" свежина кај прекрасно расположената публика.

Програмата на првиот фестивалски ден продолжи сѐ до утрото на LakeAwake бината, а нејзиното преземање оваа вечер од страна на TRAP DA FUCK UP екипата, беше отворање на оваа програма на најдобар можен начин, со полна ерупција кон 3 часот по полноќ.

И по едвај неколку часа по дочекот на ова утро на LakeAwake, програмата на Д ФЕСТИВАЛ денеска веќе се одвива во полн ек со Фестивалските предизвици кои ги носат случувањата во ПлоштАРТ зоната. Пред нас е саботната вечер на Д ФЕСТИВАЛ, која се очекува да биде и уште повозбудлива со пречекот на новите посетители кои пристигнуваат од сите делови од Македонија и секако ѕвездите на Д Фестивал кои ќе се претстават со своите настапи на петте фестивалски сцени: RUDIMENTAL DJ, KOOP OSCAR ORCHESTRA, TERAKAFT, DJ NIKIFOR, THE BLACK AND VICE SOCIAL CLUB на главната бина; THE LOCAL BLUE, SWEET RAPSCALLIONS, THE PLANKTONS, ДИВИЗИЈА, CONTACT 59 на Mosquito Stage; САМОИЛ РАДИНСКИ, ДЕНИ ТРАЈКОВ, DEJAN DEX, FIRMA на LakeAwake бината; АЛЕКСАНДАР ПЕШЕВСКИ и ЕМИЛИЈА СЛАВКОВСКА во Church Stage.

Еднодневните билети за Д ФЕСТИВАЛ се продаваат во сите продажни места на МкТикетс и секако на двете билетарници на самиот настан (пред главната бина и пред фестивалскиот камп) по цена од 300 денари, која ќе важи за време на одржувањето на Фестивалот.

Единствената фестивалска авантура кај нас е во полн ек, Дојран е преплавен со убавини, се гледаме на Д ФЕСТИВАЛ!

Фото извор: Д Фестивал

Објавено:
15 јули 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
429 пати