Згасна Teen Vogue магазинот!

6 ноември 2017

Нови промени во модната индустрија, а овој пат се засегнати модните медиуми. Имено, викендов главна вест е згаснувањето на печатеното издание на Teen Vogue.

Издавачката куќа Conde Nast одлучи дека иднината на ова издание ќе биде во дигиталната верзија, што веројатно требаше многу порано да се случи, ако не и од самиот почеток.

Некои неуспехот на овој огранок на Vogue го гледаат во таргет групата – богати тинејџери. Од друга страна пак, не може да се порекне дека за многу млади тоа беше модната „библија“ на денешницата од каде се информираа за модните трендови, но и за животите на своите омилени ѕвезди.

Сепак, ако се гледа од аспект на продажба, неуспехот од старт е загарантиран, бидејќи младите не се навикнати да купуваат списанија. Тие денеска листањето страни го заменуваат со „скролањето“.

Издавачката куќа од претходно ја увиде „климавата“ состојба на магазинот, па изданијата ги ограничи на пет годишно.

Но, со рестрикции или намалувања во изданијата се соочија и други списанија под капата на Conde Nast. Како пренесува WWD, GQ, Glamour, Allure и Architectual Digest, од 12 изданија годишно ќе имаат сега 11. Bon Appetit од 11 ќе се намали на 10, додека W Magazine и Conde Nast Traveler, ќе имаат по осум, две помалку од претходно.

Тоа доволно говори за тенденцијата во медиумите, а ваквите одлуки секогаш се пропратени со реструктурација во редакциите, односно откази, па оваа новонастаната ситуација не е ни малку пријатна.

На крајот, додека сите други се подложни на промени и удари од актуелните трендови и побарувачка, Vogue сè уште стои цврсто на тронот, или барем така изгледа.

Претходно исто така многу се коментираше околу „климавата“ состојба и во култното списание, а се постави и прашањето, дали Vogue располага со истата моќ меѓу читателите како претходно.

За потсетување, Vogue живее за септемвриското издание кога има и најмногу реклами и кое е и најголемото, а со тоа и најпосакуваното, најпрестижното издание. Бројките од продажбата не се ни споменуваат.

Vogue стана бренд, стана урнек за сите други што се појавија потоа, но ваквиот развој во модните медиуми веројатно внесува немир и таму, прашувајќи се дали Conde Nast ќе го сочува или ќе се откаже и од него под притисок на новото време.

И тогаш се појавува уште едно големо прашање: Ако згасне и Vogue, што ќе се случи со останатите?

Останува да видиме.

Објавено:
6 ноември 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
175 пати