Амал отворено за љубовта со Џорџ Клуни: Не верував дека вакво нешто ќе ми се случи мене

11 април 2018

Магазинот „Вог“ го посвети априлското издание на Амал Клуни. Убавата адвокатка не само што ја краси најновата насловна страна, туку одлучи за првпат да прозбори отворено за љубовта со Џроџ Клуни, за тоа како се справува со мајчинството и работата...

Но, она што ја прави оваа приказна уште понесекојдневна е што во неа учествуваат и родителите, роднините и пријателите на Амал и секако Џорџ Клуни.

Секој од нив раскажува по некој сегмент од нејзиниот живот, од тоа какво дете била, преку студентските денови, па сè до романсата со актерот и новата улога на мајка.

Денес, Амал зрачи со самодоверба и моќ, но признава дека не било отсекогаш така:

„Се сеќавам на сите стадиуми во мојата кариера, каде немав доволно самодоверба за да пробам нешто, речиси и да немав храброст да следам нешто што ме возбудува професионално, затоа што не познавав никого кој го прави тоа или другите луѓе ме тераа да се сомневам во мојата цел“, се сеќава Амал, која денес е еден од најуспешните адвокати за човекови права.

Темпераментноста е заедничка карактеристика на целото семејство, ќе рече мајка ѝ Барија Аламудин.

„Сите во семејството сакаме да се забавуваме. Амал многу излегуваше и се забавуваше, но и многу работеше“, открива Барија.

Како и останатите жени во семејството, сега госпоѓата Клуни, немала проблем да биде сериозна и шик во исто време, а во тоа многу ѝ помагал и плакарот на мајка ѝ.

„Ќе дојдеше и ќе зграбеше неколку чифта чевли, чанти и сè друго што ѝ се допаѓаше. Кога ќе ја прашав: „Амал, што правиш?“, ќе ми дадеше аргументиран, правен одговор и така повторно и повторно“.

Денес, важи за една од најдобро облечените жени, со стил кој зрачи со елеганција, софистицираност, префинетост и женственост.

Меѓу првите луѓе што дознале за нејзината романса со Џорџ Клуни, бил нејзиниот братучед Микнас. Во тоа време Амал живее во Лондон, а тој доаѓа во посета на градот, а тоа е шанса да ја види својата братучетка.

На вечерата, таа срамежливо открива дека има промени во нејзиниот љубовен живот.

„Не би сакала сè уште да зборувам за тоа. Ајде да се напиеме чаша вино. Кажи ми што има кај тебе“, се присетува Микнас. Но, како се разврзува разговорот, така кругот повторно се врти кај неа: „Се вцрвени, а срамежливоста не беше нејзина карактеристика. Ми рече, за ова ќе биде потребно уште едно шише вино. На крајот конечно призна: „Види, се наѕира романса.  Не знам што да правам со тоа... Најлошиот дел е што навистина ми се допаѓа. А и доаѓа утре. А средбата со него нема да е лесна“....“.

Неколку месеци претходно, Амал во друштво на еден пријател е гостин во домот на Џорџ Клуни на езерото Комо во Италија. И неговите родители се присутни и сите уживаат во вечерта.

„Секако дека беше прекрасна. Но, за мене беше и фасцинантна, сметав дека е брилијантна. Нејзиниот живот беше неверојатно возбудлив – клиентите за кои зборуваше и суперхуманата работа со која се занимаваше. Ме обзема уште во првиот момент кога ја видов“, вели Џорџ Клуни за „Вог“.

Првин стануваат пријатели. Го одржуваат контактот. Амал е некој што ја преферира комуникација по електронска пошта, а Џорџ е познат по шеговитиот дух, па на мејловите враќал со гласот на неговото куче Ајнштајн.

Кога го запознава Клуни, Амал веќе почнала да се збогува со идејата дека ќе успее да оформи семејство.

„Кога го запознав имав 35 години. Не верував дека нешто вакво ќе ми се случи мене. А ни јас не бев расположена, ниту возбудена од идејата да се омажам или да имам семејство“, открива адвокатката.

Слична е и приказната на актерот:

„Јас сум во моите 50-ти. Ако знаете макар нешто за мојот луд живот, знаете дека бев прилично посветен на идејата никогаш повторно да не се женам (претходно, во неговите доцни 20-ти беше оженет со актерката Талија Балсам). Но, почнав да се гледам со Амал и веднаш знаев дека се работи за нешто сосема поинакво“.

Заминуваат заедно на сафари авантура во Африка.

„Некои жирафи дојдоа до неа. Ја сликав, а таа се смееше. Му реков на другар ми Бен, „Знаеш, мислам дека треба да ја прашам да се омажи за мене“. А Бен ми врати: „Мислам дека тоа е добра идеја““, открива Клуни.

Денес се родители на 10-месечните близнаци Ела и Александар, кои веќе ги изговориле своите први зборови, почнуваат да се исправаат и искачуваат по креветчињата, а ги будат родителите секое утро помеѓу шест и осум часот наутро.

„Веќе изговорија „мама“ и „тато“. Но, Џорџ беше многу внимателен да се погрижи околу тоа „мама“ да биде првиот збор што ќе го изговорат“, се пошегува адвокатката. Таа уште додава дека извршувањето на секојдневните рутини сега е многу полесно отколку на почетокот.

Пред извесно време, Џорџ мораше да се одвои од семејството поради службени обврски, што резултирало со постојани повици и испраќање фотографии од близнаците:

„Тоа беше првпат да сме разделени откако се родија близнаците и одвоеноста го погоди повеќе одошто мислевме“, вели Амал.

Пред неполни два месеци, Џорџ беше гостин во емисијата на Дејвид Летермен, каде јавно проговори за својата љубов кон Амал:

„Таа е неверојатен човек, сега и мајка, што верувам дека се претпоставува дека и во таа улога ќе биде исто така одлична. Но, кога тоа ќе го видите лично, во живо, ве прави да се чувствувате многу горди, но во исто време и неверојатно мали“.

Освен големата приказна, со Амал беа направени и посебни фотографии, за кои се погрижи Ени Лебовиц. Инаку, со оглед на тоа дека од неодамна повторно им се врати на работните обврски, Амал повторно беше во центарот на медиумското внимание со изгледот.

 

фото извор: vogue.com; harpersbazaar.com; popsugar.com; dailymail.co.uk;

Објавено:
11 април 2018
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
3.204 пати
Извор: 
Vogue.com