Армани го забрани крзното во неговите брендови

23 март 2016

Дизајнерот Џорџо Армани ја потврди намерата на модната куќа да не употребува повеќе крзно при дизајнирањето на креациите од било која колекција.

-Задоволство ми е да соопштам дека „Armani Group“ се обврза да не употребува животинско крзно во своите колекции. Технолошкиот прогрес во изминативе години ни овозможува да имаме валидни алтернативи отколку да ги изложуваме животните на оваа сурова практика. Токму затоа, мојата компанија оди чекор понаред и во работата ќе го насочи вниманието кон критичните проблеми за заштита и очувување на средината и животните – вели Армани.

Тоа значи дека од есенската колекција за 2016, па натаму брендовите „Giorgio Armani“, „Armani Prive“ и „Emporio Armani“ нема да вклучуваат крзно.

-Со оваа изјава, брендот става на знаење дека дизајнерите и потрошувачите можат да имаат креативна слобода и луксуз и без поддршка на суровоста кон животните. Господинот Армани отсекогаш бил трендсетер во модниот свет, а неговата последна изјава е доказ дека сочувството и иновацијата се иднината на модата – вели Џо Вндинг од здружението „Fur Free Alliance“.

Објавено:
23 март 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
410 пати