Армани: „Гучи“ ја претвори модата во циркус!

26 февруари 2018

Главна вест во италијанските модни медиуми деновиве е изјавата на дизајнерот Џорџо Армани, кој ја искритикува последната ревија на „Гучи“.

Имено, во рамки на модната недела во Милано, Алесандро Микеле претстави колекција, односно направи шоу зад кое се крена голема прашина, а кое се граничи со бизарното.

За потсетување, дел од моделите во рацете носеа речиси идентични реплики на нивните глави. Тоа како што може да се заклучи од изјавата, на Армани воопшто не му се допаднало. 

„Да се носат вештачки глави на модна писта, едноставно е премногу. Со ваквата парада, „Гучи“ сакаше да привлече внимание и со тоа ја претвори модата во циркус“, вели Џорџо Армани.

Тој за тамошните медиуми додава дека не сака да биде дел од такви игри, ниту пак сака неговите пријатели да гледаат такво нешто. 

„Не, јас не сакам да бидам дел од ова. Модата не смее да биде средство со кое медиумите ќе се служат за да имаат за што да зборуваат. Мора да се движиме без да претеруваме и да следиме еден добар правец. Никогаш не сум сакал да ги залажувам купувачите и тоа што го гледаат на пииста, тоа го добиваат во продавница. Ако луѓето навистина ги привлекува ваков тип на шоу и презентација како на „Гучи“, тогаш најдобро е јас и моите истомисленици да си одиме дома и тоа што поскоро“, истакнува дизајнерот.

За сега, нема реакции од „Гучи“ за ваквата јавна изјава на познатиот италијански дизајнер. 

Објавено:
26 февруари 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.189 пати