Балман ќе креира костими за парискиот балет

18 мај 2017

Креативниот директор на Балман, Оливие Рустенг се чини ја има најгламурозната армија клиенти, а како тоа да не е доволно, париските балерини се последните негови обожавателки.

Тој на социјалната мрежа Инстаграм објави дека потпишал договор за соработка со Париската опера и балет да креира костими за тамошните балерини.

Еден од најпознатите француски кореографи Себастијан Бертод побарал од дизајнерот да направи четири костими за балетот „Resistance“ чија премиера треба да се случи овој јуни.

Дизајнерот инаку е голем обожавател на парискиот балет, а како дете дури посетувал и часови.

„Да бидам искрен, бев многу изненаден и воодушевен кога побараа од мене да дизајнирам за парискиот балет, бидејќи станува збор за проект што го претставува француското наследство. Веќе знаете дека јас го сакам модерниот свет, но сѐ почнува од класичните танци. Јас сум фасциниран од истите уште од најрана возраст“, изјави дизајнерот за WWD.

Тој додава и дека ова е уште една потврда за неговата работа и нешто што претставува нова ера за брендот.

Рустенг вели дека со овој проект тој планира да допре до една нова генерација, да и го покаже традиционалниот свет на танците со сосема поинакви, но повторно стилски парчиња.

Досега, тој има одлично искуство со познати ѕвезди за кои креирал костими во кои морале да се движат и да играат на сцената, а една од нив е и музичката дива Бијонсе.

Кога креирате за некој како Бијонсе, мора да го разберете секое движење што таа го прави во секоја минута од нејзиното шоу. Кога ќе научите како да работите со кореограф како Себастијан и неговите танчери, процесот е многу лесен, но мора да ги научите сите различни движења“, додава дизајнерот.

Објавено:
18 мај 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
130 пати