Најновото, 28-мо издание на модната манифестација „Фешн Селекшн“ во Белград, заврши со ревијата на нашиот дизајнер, Ненад Секирарски.

Хотелот „Москва“ беше местото каде што белграѓаните и љубителите на работата на дизајнерот во Србија, ја проследија последна колекција за пролет-лето 2016, насловена како „Калеидоскоп“.

Секирарски остана доследен на својата естетика, па и овој пат понуди свечени тоалети, каде доминира тантелата. Дизајнерот вметна и доза на сексапил претставена преку смелите кроеви и транспарентните материјали.

-Колекцијата е сублимат на предходната инспирација од пеперутките и нивната средба со светлината. Калеидоскопот од бои преточени во слоевитост на материјалите го даваат воздушестиот но женствен и сексапилен изглед на дамата во елегантен фустан. Материјалите се нежни памучни чипки со рачна доработка и со 3Д ефекти - вели дизајнерот.

Така, веројатно првата асоцијација се смели и самоуверени жени. А кога ќе се споменат пак овие придавки, не може да не се сетите на Ана Винтур.

Со оглед на тоа дека истата вечер, по ревијата на Секирарски беше прикажан и документарниот филм „Првиот понеделник во мај“. Тие што ја следат модата претпоставуваат дека остварувањето има за цел да ја прикаже приказната за популарната „Мет гала“, која оваа година ќе се случи на 2-ри мај. Исто така, документарниот филм ги следи и подготовките на најпосетената модна изложба во историјата на Метрополитен  музејот во Њујорк, „Кина: Поглед низ лупа“.

Ненад Секирарски со моделите

Повеќегодишното истражување на кустосот на Институтот за костим на Метриполитен музејот, Едрју Болтон за кинеското влијание на современата западна мода, е всушност и поводот на овој документарен филм.

Секирарски овозможи вистински вовед во приказната, на начин што главните актерки во документарецот, Вања Ејдус како Ана Винтур и  Маја Шуша и Невена Ристиќ како екипата на Винтур, се појавија на пистата облечени во негови креации, а ги придружуваше и актерот Славен Дошло.

Вања Ејдус како Ана Винтур (трета од лево) и нејзината екипа - Невена Ристиќ, Маја Шуша и Славен Дошло

Како пренесуваат српските медиуми, режисерот Ендрју Роси го овековечува судирот на високата мода и светски познатите личности на Мет Гала, откривајќи ја и моќта на Ана Винтур (уредничка на „Вог“ и организаторка на „Мет Галата“), да одлучува кој може да се појави на гламурозната забава, па сè до тоа кој каде треба да седи.

Низ содржината на документарецот се појавуваат и други познати имиња од модниот свет, меѓу кои и Карл Лагерфелд, Џон Галијано, Жан Пол Готје, Ријана, а филмот отвора дебата за вечното прашање: „Дали модата е уметност?“.

Спојот на гламурозните креации на Секирарски, со тематиката на документарецот беше полн погодок за крај на манифестацијата, за што сведочат и првите реакции од публиката и тамошните медиуми. Тоа пак, помогна нашиот дизајнер, со комбинацијата на бои, уметнички секвенци и впечатоци, да ја заокружи приказната за калеидоскопот.

-Белград секогаш го чувствувам како дома па така и овјопат на взаемно задоволство со модната публика од Белград поминавме едан прекрасна модан вечер. Како завршница на 28-от „Фешн Селекшн“ ревијата беше најава за документарецот за Ана Винтур, прикажан пред одбрана публика од стотина гости - потенцира Секирарски.

А во продолжение погледнете токму дел од гостите на затворањето на 28-от „Фешн Селекшн“:

модната новинарка Сузана Периќ со ќерката Тифани

Драгана и Небојша Грнчарски

Бека Зечевиќ и Мими Влаовиќ

Небоша Грнчарски и Ирена Граховац

 

Објавено:
27 април 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
821 пати