Билборд 2017: Селин Дион и Шер кралици на вечерта

22 мај 2017

Освен свадбата за Пипа Мидлтон, викендов се зборуваше и за музичките награди „Билборд“, одржани вчеравечер во Лос Анџелес.

Кога се наградите во прашање, апсолутен победник е Дрејк, со вкупно освоени 14 статуетки, а комплетната листа на наградени можете да ја видите на линкот ТУКА.

Но, она за што уште повеќе се зборува се настапите на Селин Дион и Шер, кои несомнено ја одбележаа вечерта.

На сцената на „Т-мобајл“ арената го отпеа безвременскиот хит „My Hart will go on“. Поводот беше, 20 години откако првпат баладата се искачи на листата на „Билборд хот 100“ во 1998 година.

Дион, облечена во впечатлива и убедливо најдобра креација вечерта на францускиот дизајнер Стефан Роланд, на сцената се појави во средина на цилиндар од светла, кој постепено се креваше. Нагласените раменици создадоа впечаток како пејачката да има крилја, што сосема се совпадна со темата на песната.

Додека течеше нумерата и нејзиното емотивно изведување, публиката на билбордите во салата можеше да гледа и инсерти од спотот и филмот, кој исто така слави 20 години.

-Oваа песна навистина многу ми значи и има големо влијание врз мојата кариера. Им благодарам на Џејмс Хорнер и Вил Џенингс што ја напишаа и што ја создадоа можноста да бидам дел од „Титаник“, фантастичен филм, кој остана во наследство за многу нови генерации – ијзави Дион претходно месецов за магазинот „Билборд“.

И ако публиката си помисли дека ова е врвот, сепак Шер ги разубеди.

Пејачката ја доби наградата за музичка икона и на сцената направи вистински спектакл со изведбите на хитовите „Believe“ и „If I could turn back the time“ . Она што воодушеви беше појавата на Шер, која се потруди да изгледа исто како во времето кога за првпат ги испеја овие песни. Првин се појави во сребрен сценски костим, со светкави срциња во делот кај градите. Потоа ја видовме во препознатливото црно транспарентно боди, кожена јакна и високи црни чизми – стајлинг во кој се појави пред речиси 30 години, кога и песната се појави (1989).

-Музиката и сцената беа нешто што сакав да го правам уште кога имав пет години. И еве го правам дури 53 години. Вчера, наполнив 71 година. А, да, и можам да издржам пет минути планк (вежба) – изјави пејачката.

Таа ѝ се заблагодари на мајка си поради поддршката што ја имала:

-Ѝ благодарам бидејќи секогаш ми велеше: „Нема да бидеш најубавата, ниту најталентираната, но ќе бидеш посебна“. Исто така, благодарна сум што имав можност да работам со некои од најголемите имиња во индустријата. Фил Спектор ме научи толку многу работи. Среќата има голема врска со мојот успех – призна Шер.

Освен нив, на сцената се појавија и Ники Минаж, Мајли Сајрус, Ед Ширан...

Кога е модата во прашање пак, црвениот (односно магента) килим на „Билборд“ наградите беше еден од најкатастрофалните што досега сме ги виделе. Неинвентивен, провокативен и на границата со (не)вкусот, ѕвездите овој пат навистина потфрлија.

Како изгледаа можете да видите во продолжение:

 

Домаќини на годинашното издание на манифестацијата беа Лудакрис и Ванеса Хадџенс, која се пресоблече дури осум пати, најмногу од било која друга водителка до сега. На црвениот килим пак, се појави во беж креација на „Маркеза“.

А емотивно беше и зад сцената. Леа Мишел конечно го запозна својот идол – Селин Дион, што предизвика и солзи од среќа. Таа тоа го сподели и со своите следбеници на Инстаграм.

Кога ќе се соберат сите впечатоци, за ова издание на „Билборд“ наградите ќе се зборува уште долго.

 

извор: Daily Mail, Billboard, E-online, Popsugar

Објавено:
22 мај 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.384 пати