Брендот на дизајнерката Лорен Скот бил пред затворање?

20 март 2014

Модната новинарка и блиска пријателка на Лорен Скот, Кети Хорин открива дека дизајнерката пред да се самоубие сакала да прогласи затворање на нејзиниот истоимен бренд.

Во трогателната приказна за нејзината пријателка, Кети потврдува дека дизајнерката сакала да му ја соопшти на светот таа објава токму на 19 – ти март, но за жал, не успеала во тоа.

„Колку и да била тешка одлуката за неа, не смееме да влечеме никакви заклучоци од тоа за нејзината психолошка состојба. Исто така, никој не смее да претпоставува дека таа и Мик имале било какви проблеми во врската, па тоа и дало некаков повод“, остро реагира нејзината пријателка Кети.

Хорин посочува дека како и другите млади дизајнери, така и Лорен во текот на нејзината кариера се соочувала со многу проблеми како одлив на паричните средства, пронаоѓањето на вистинските менаџери, различни договори со италијанските фабрики и што уште не.

„Наместо да се откаже, Лорен секогаш одеше напред, обезбедувајќи соработки со познати модни куќи и брендови како Банана Републик и Боби Браун за да ја обезбеди иднината на брендот“, вели Хорин.

За крај во текстот, таа додава дека е страшно погодена и шокирана од смртта на нејзината пријателка.

„Не можам да опишам колку ми е жал што се случи тоа. Колку што ми е жал, толку сум и лута за тоа. Лута бидејќи загубив многу добра пријателка, интелигентна жена, едноставно таа беше прекрасна“, вели Хорин.

Денеска, надлежните полициски служби потврдија дека смртта кај дизајнерката настапила по извршеното самоубиство.

Објавено:
20 март 2014
Категорија: 
Актуел