„Чиста десетка“ од и за студентите по дизајн

2 јуни 2016

Во просторот на „Културно информативниот центар“ во Скопје, вчеравечер Факултетот за арт и дизајн при „Европскиот универзитет“ прослави 10 години постоење.

Јубилејот го одбележа за годишната изложба на делата на студентите од различните насоки по дизајн на факултетот насловена како „Чиста 10-ка“.

Големиот број присутни имаа можност да видат што изработиле студентите по графички и моден дизајн, како и дизајн на мебел.

-Оваа година ја прославуваме 15 годишнината од формирањето на „Европски универзитет“ и 10-годишнината од формирањето на Факултетот за арт и дизајн. Програмите што ги воведе овој факултет од почеток се во согласност со европските програми за дизајн, комбинирани од програмите на факултетите во Италија и Франција. При составување на програмите се водеше сметка тие да ги содржат најпотребните знаења на дизајнерот, техники на цртање, сликање, развој на уметностите низ вековите и современиот свет, до најпрецизни знаења за креирање на модели на облека, ентериери или графички дизајнирани производи. Дипломираните студенти се вработени или самовработени со успешни приказни – вели Лидија Наумовска, ректор на ЕУРМ.

Тие што ја следат работата на факултетот, забележаа дека од година во година годишната изложба се проширува, што укажува на зголемениот интерес на младите за различни области на дизајн.

-Кога некој ќе ни раскаже убедлива приказна, таа секогаш продолжува да егзистира како конструкција во нашата меморија. Факултетот за арт и дизајн уште далечната 2006 година започна успешно да ја раскажува сопствената дизајнерска приказна, која се креира цели десет години. Десет генерации на студенти, модни дизајнери, графички дизајнери и дизајнери на ентериер  со својот професионален пристап, денес генерираат македонска креативна приказна која се испреплетува во сите нивоа на општествено делување. Ова е нашата успешно креирана и раскажана приказна која ќе продолжи да постои како конструкција и афирмација во нашата меморија – потенцираше Јана Манева – Чупоска, декан на Факултетот за арт и дизајн.

Кога сме веќе кај успешните приказни, тимот на овој факултет и универзитет, по повод овој јубилеј не ги заборавија своите соработници и партнери во градењето на оваа приказна.

А еден од нив е и модната куќа „Елена Лука“.

-Во оваа пригода сакаме да му се заблагодариме на македонскиот моден бренд „Елена Лука“, што во сите овие години ги отвори вратите за студентите од нашиот факултет, кои таму стажираа или го најдоа своето вработување, со цел подобрување и применување на стекнатото знаење – истакна Чупоска.

Благодарницата ја прими извршната директорка на „Елена Лука“, Никица Милевска, која го изрази задоволството во името на брендот и генералниот директор Елена Пандева.

-Честитки за успешниот јубилеј и за традиционалната изложба на Факултетот за арт и дизајн, во името на целиот тим на „Елена Лука“. Вие навистина заслужувате чиста 10-ка со оглед на бројните успешни генерации дипломци и постдипломци кои излегоа од вашиот универзитет. „Елена Лука“ веќе долги години има успешна соработка особено со Факултетот за арт и дизајн во рамките на кој и се изучува дејноста со која се занимаваме ние како бренд, и сме имале исклучителни соработки со вашите талентирани студенти кои ги усовршиле своите практични познавања во рамките на нашата модна куќа. Дури имавме можност да организираме и една заедничка ревија со ваша студентка Анастасија Чадо која со помош на нашите професионалци ја реализираше нејзината прва модна колекција. Големи успеси ви посакуваме и во иднина! - истакна Милевска.

Дел од оние што добија благодарница се и галеријата „Остен“, „Моден викенд Скопје“, Британски совет, Кластерот за текстил, Францускиот институт, Хелен Хамлин центарот за дизајн од Лондон и други...

Своето задоволство и радост за овој јубилеј го сподели и Гордана Вренцовска, продекан на Факултетот за арт и дизајн.

-Дипломираните студенти ја збогатуваат дизајнерската сцена во Македонија, како нова критична маса што ги негува уметничките и интелектуални импулси во дизајнот. Тоа е дисциплината која 21-виот век се наметка како клучна „состојка“ во сеопштиот културен и економски развој на општеството – вели Вренцовска.

Во продолжение погледнете дел од вчерашната атмосфера, а на тимот на Факултетот за арт и дизајн им посакуваме уште многу успеси:

Објавено:
2 јуни 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
332 пати