Во просториите на хотелот „Александар Палас“ вчера се одржа годинашното, 19-то издание на „Виенскиот бал“.

И оваа година, организаторите и присутните се обидоа да пренесат дел од виенската култура во нашиот главен град и тоа на повеќе нивоа - организациски, музички и модно.

Како и досега, дрес-кодот беше јасно нагласен и задолжителен - за дамите долги тоалети, додека за господата темни костуми или смокинг.

Во тој поглед, речиси сите присутните се потрудија да одговорат на задачата и со својот изглед и присуство да ја разубават вечерта. Генералниот впечаток е дека, голем број од дамите се одлучија за црните нијанси, веројатно како најсигурен избор.

Од сирена крој, до широки здолништа, со ракави или без, можеа да се видат бројни варијации на темата. 

Забележливо беше и присуството на фустани со принт, како и креации каде доминиираат свелуцави ткаенини. Металик и светкавите елементи беа присутни и во форма на детали, а кога сме кај деталите, можеа да се видат и креации со набори, нагласена половина, панделки, карнери.

За разлика од другите години, кога гостинските пристигнуваа во свечени тоалети најчесто во комбинација со зимски јакни или кожени палта, оваа година се потрудиле да внимаваат на севкупниот впечаток и изглед, па сега доминираа кратки бунди, или крзнени шалови, соодветни капути, марами или наметки.

 

Модната куќа Елена Лука ја имаше честа да се погрижи за изгледот на неколку дами, кои пак, одлучија да отскокнуваат од трендот таа вечер.

Една од дамите се појави во раскошна беж креација. Здолништето е широко и со џебови, додека пак горниот дел е збогатен со монистра и дискретна тантела, а и изразот на деколтето го прави впечатлив. 

Од друга страна пак, една од гостинските од САД, се одлучи за едноставна сина креација во сирена крој и со откриени раменици. Изборот на боја, минималистичкиот пристап каде елеганцијата доаѓа до израз, ја направија оваа дама впечатлива.

А дека црно-белата комбинација е безвременска и секогаш примамлива, покажа и изборот на уште една дама која довербата ѝ ја даде на модната куќа. Таа одбра раскошна креација, со црно широко здолниште и горен дел со ракави во бела нијанса. Она што го прави овој фустан уште повпечатлив е тоа што на средината е збогатен со рачнозашиени украсни камчиња и бисери, што ја истакнува половината уште повеќе. Така, на еден ненаметлив, а сепак впечатлив добивате нота на луксузност.

Во галеријата горе имате можност да видите и како изгледаа останатите гости.

Што се однесува до официјалниот дел, и оваа година го отворија членовите на танцовиот клуб „Прима данца“ со „Виенскиот валцер', а честа да биде домаќин повторно ѝ припадна на водителката Јована Стојменовиќ. 

Инаку, од минатата година, „Виенски бал Скопје" е ставен и на светската мапа на виенски балови, а поради долготрајноста и успешноста во организирањето на балот кај нас, годинава организаторот доби и поздравно писмо од градоначалникот и гувернер на Виена, Австрија, д-р Михаел Хојпл со кое го поздравува организирањето на традиционалниот централен настан на општествениот живот во Виена и во Скопје.

„Виенски бал" во Скопје има и хуманитарната нишка, па секоја година се обезбедуваат и средства за поддршка на оние на кои им потребна, на тоа останаа доследни и годинава, а средствата ќе бидат донирани на граѓанската организација на лица со и без хендикеп, која работи на суштинско поврзување и целосно остварување на основните човекови права и слободи на лицата со хендикеп „Полио плус".

Освен во прекрасните класични звуци, за чија изведба беше заслужен професионалниот оркестар „Јохан Штраус“ а кој музицираше под диригенство на Бисера Чадловска, публиката можеше да ужива и во атрактивни танцови точки, а магијата на балетските точки на сцената на Балот ја донесоа првенците на Балетот при МОБ – Марија Кичевска и Бобан Ковачевски.

Вториот дел од вечерта беше резервиран пак, за настапите на „Тумбао салса бенд", Нина Јанева, Горан Папас и „2Еxit“, кои се потрудија да ја одржат атмосферата забавна и весела.

Објавено:
18 март 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
7.230 пати