Со американскиот филм „First man“ (Првиот човек) на Дејмијен Чазел, во Венеција вчера е отворен 75. филмски фестивал. Годинава во трката за престижната награда „Златен лав“ ќе се најде 21 филмско остварување.

Фестивалот лани беше отворен со „Ла Ла Ленд“, токму во режија на Чазел, а со оглед на тоа дека Рајан Гослинг е повторно во главната улога, за многумина ова претставува дежа ву од минатата година.

Сепак, од мјузикл, оскаровецот премина на историска приказна, па „First man“ е остварување засновано врз книгата на Џејмс Хансен за првиот човек на мисијата „Аполо 11“ и слетувањето на Месечината. Токму улогата на Нил Армстронг ќе ја толкува споменатиот Рајан Гослинг.

А актерот беше еден од првите што се појавија на црвениот килим. Во црно-бела комбинација остана доследен на елегантниот стил.

На отворањето се појавија и актерката Клер Фој која исто така е дел од споменатото остварување. Таа се појави во црвено-розова комбинација на „Валентино“.

Клер Фој (лево) во Шанел - (десно) Валентино

Розово беше и изборот на Лоти Мос (сестра на на Кејт Мос) која се појави во креација на Ермано Скервино, како и на на Наоми Вотс, која одбра тесна, а сепак визуелно мошне интересна креација на „Armani Prive“. И при пристигнувањето во Венеција, кога се појави во бело одело, остана доследна на споменатиот бренд, па воедно беше и една од највпечатливите ѕвезди и најкоментирани во позитивна конотација на првата вечер.

Наоми Вотс

„Armani Prive“ беше изборот и на младата Барбара Палвин, која носеше кратко фустанче со принт во комбинација со тантела, како и на моделот Сара Сампаио, која блесна во бел тесен фустан, со голема панделка асиметрично поставена во горниот дел. 

Барбара Палвин

Сара Сампаио

На црвениот килим се појави и легендарната Ванеса Редгрејв, на која ќе ѝ биде врачена наградата за животно дело. 

Ванеса Редгрејв

Ванеса Редгрејв со сопругот

Како изгледаа останатите ѕвезди од првиот ден и вечерта на отворањето, можете да погледнете во галеријата погоре.

Што се однесува до официјалната програма, впечатокот е дека доминираат ангажирани филмови за медиумскиот, политичкиот и естетскиот хаос што владеат во светот. „Нетфликс“ кој беше на Канскиот филмски фестивал одбиен, овде доминира, па во тој контекст се наметнаа контроверзи. Исто така, во натпреварувачкиот дел има само една жена, Австралијанската Џенифер Кент со драмата „Nightingale“, поради што е упатено и протесно писмо од страна на феминистичките здуженија, со што  фестивалот се соочува со не така лесен почеток.

Гиљермо дел Торо

Меѓу присутните секако е и минатогодишниот победник на овој фестивал и оскаровецот, Гиљермо дел Торо.

„Венеција е важно место за прикажување филмови. На режисерите им е важно да ги претстават своите филмови во рамки на ваков фестивал, каде можат да се видат различни приказни и точки на гледање, што е подеднакво важно, истакнува Дел Торо, кој е и претседател на годинашното жири.

Фестивалот во Венеција трае до 8. септември, а во овој период ќе бидат прикажани и филмовите на Алфонсо Куарон, браќата Коен, Пол Гринграс, Лука Гвадањин и други.

 

фото извор: harpersbazaar.com; elle.com; dailymail.co.uk; 

Објавено:
30 август 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.025 пати