Денес е Меѓународен ден на лицата со попреченост, а приказната за таткото и синот ја има совршената порака

3 декември 2019

Трети декември е Меѓународен ден на лицата со попреченост. Тоа е ден кога се потсетуваме дека сите треба да сме еднакви. Ден кога ни се обрнува внимание дека и лицата со попреченост се смеат, плачат, љубат и сакаат љубов, сакаат живот.

Секој ден треба да е трети декември. А тоа е една од пораките што „Дизни“ сака да ги упати преку новите анимирани филмови.

Познатото студио подготви изненадувања, кои се достапни на каналот „Дизни Плус“. Се работи за серијал анимирани приказни, во кои главните ликови се деца со некаква попреченост.

На 12-ти претходниот месец вниманието го привлече приказната насловена како „Float“, односно „Лебдење“.

Се работи за краткометражна приказна на „Pixar“ за татко и неговиот син, кој ја има способноста да ѝ се спротистави на гравитацијата и со тоа да лебди.

Но, ова не е типична приказна, инспирирана е од вистинска.

Имено, Боби Алцид Рубио е името на авторот кој ја напишал за неговиот син, кој има аутизам. Во цртанот, таткото ќе направи сè што е во негова моќ за да му обезбеди на детето средина во која нема да се чувствува како различен, но тоа некогаш подразбира и избегнување контакт со оние што знаат за неговите способности.

Боби Рубио со синот

Во еден момент, работите ќе излезат од контрола, а таткото му се лути на синот, по што тој почнува да плаче. И тука авторот ја истакнува главната поента - емпатијата што ќе ја почувствуваме, а воедно и животот во општество на маргините.

„За Алекс. Благодарам што ме направи подобар татко. Со многу љубов и разбирање посветено кон сите семејства со деца кои се сметаат за “различни“', вака гласи пораката на Рубио со која и завршува филмот, кој ќе ве натера да размислите за трпеливоста, сочувствувањето и разбирањето, за прифаќањето на различностите и со тоа на себеси и на другите.

Погледнете го промо видеото:

 

Објавено:
3 декември 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
911 пати