Дизајнерката Лорен Скот пронајдена мртва во нејзиниот стан

18 март 2014

Дизајнерката Лорен Скот е пронајдена мртва во нејзиниот стан во Њујорк. Четириесет и деветгодишната дизајнерка била пронајдена обесена на марама.

Докторите сѐ уште ги испитуваат точните причини за нејзината смрт, иако првичните информации се дека дизајнерката извршила самоубиство.

„49 – годишна жена по име Лорен Скот беше пронајдена мртва во стан во Њујорк ова утро, сосема без свест. Таа веднаш беше прогласена за мртва од страна на медицинските екипи, а точните причини за нејзината смрт сѐ уште се испитуваат“, велат од полицијата.

Имено, дизајнерката беше девојка на фронтменот на Ролинг Стоунс Мик Џегер од 2001 година, кој според информациите од неговиот портпарол е целосно скршен и шокиран од веста.

Креативната и шармантна дизајнерка својата кариера ја започна како модел откако беше пронајдена од Брус Вебер во 1985 година во нејзината родна Јута. Помеѓу нејзините први ангажмани беа кампањите за Шанел и Тиери Муглер. Кон средината на 90 – тите таа започна своја сопствена кариера како дизајнер работејќи на многу дизајнерски и стилски проекти.

Во 2006 – та година, дизајнерката го лансираше сопствениот бренд под името Лорен Скот кога и се обиде да го креира совршениот мал црн фустан – воедно и името на нејзината прва колекција. Нејзините дизајни, што се познати по својот гламур и тотална женственост се обожувани од страна на многу ѕвезди како Сара Џесика Паркер, Никол Кидман, Ејми Адамс и многу други.

Нејзините пријатели шокирани од веста за смрта на нивната омилена дизајнерка, во неверување ги дадоа и првите изјави.

„Лорен беше тотален перфекционист, жена со силен карактер комбиниран со неверојатна самодоверба и моќен стил. Таа секогаш беше многу великодушна, грациозна, мила и неверојатно забавна. Нејзините манири и шарм беа како од некое друго време, но нејзиниот сензибилитет беше секогаш тотално модерен. На сите ќе ни недостасува многу“, изјави Ана Винтур.

„Ова е страшна и трагична загуба. Многу сум вознемирена. Ја обожавав Лорен и нејзината работа, таа секогаш беше многу добра со мене“, изјави Мадона.

„Таа некако секогаш беше природно забавна и среќна. Таа навистина уживаше во нејзината работа и сето она што го правеше. Во неа имаше вистинско задоволство што беше тешко да се замисли кај други. Лорен беше неверојатно дисциплинирана, умешна, способна и талентирана жена. Таа беше ретка убавица и исклучителна и единствена на многу начини“, изјави веднаш по смртта нејзината долгогодишна пријателка Сара Џесика Паркер.

„Лорен беше прекрасна пријателка и пред сѐ, прекрасен човек со исклучителен талент. Сега, не можам да поверувам дека нема да ја видам никогаш повеќе. Ова е многу болна загуба за сите оние кои ја знаеја, моите мисли се со нејзиното семејство и нејзините сакани“, изјави Дафне Гинис.

Иако дизајнерката неодамна го откажа нејзиното модно шоу закажано за Февруари, бизнисот се чини дека и одеше многу добро. Оваа година таа лансираше и парфем, а имаше и неверојатно успешна соработка со „Банана републик“, чија заедничка колекција се продава над очекувањата.

Полицијата сѐ уште ги истражува точните причини за смртта на дизајнерката и што е она што ја натерало да изврши самоубиство.

Објавено:
18 март 2014
Категорија: 
Актуел