Дизајнерско модно шоу во „Lotus Design Store”

27 април 2015

Оваа среда во концептуалната продавница за македонски дизајн „Lotus Design Store”,со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи дизајнерско модно шоу.

Љубителите на домашниот дизајн ќе имаат можност да ги проследат перформансите на веќе реномирани македонски дизајнери, кои се дел од концептуалната продавница, лоцирана во Skopje City Mall, на вториот кат која наскоро ќе прослави и една година од отварањето.

На најавеното дизајнерско шоу свое излагање со ексклузивните пролет-лето колекции ќе имаат дизајнерите Елена Спасовска, Драган Христов - Лудус, Марта Мирова- 4 Сезони и Леуарт Лека.

Драган Христов препознатлив со својот бренд Лудус ќе ја претстави експерименталната колекција „Орландно“, која е резултат од истражувањето на АГЕНДЕР-БЕЗРОДОВА облеката.

Дизајнерката Марта Мирова и нејзиниот бренд „4 Сезони”се веќе осум месеци дел од концептуалната продавница. На дизајнерското шоу таа ќе ја промовира пролет-лето колекцијата „Мирис”.

„Овие мириси конвертирани во лелеави форми на неодолива женска силуета, ќе направат една жена да биде еден цвет и совршено да се вклопи со мирисот околу”, вели Марта.

На ова модно шоу ќе дебитира и дизајнерот Леуарт Лека. Неговата прва колекција го носи името „Limited Urban”. Младиот дизајнер открива дека главната идеа за колекцијата е да го доближи карактерот на урбаното преку креациите.

Со моден перформанс шоуто ќе го затвори дизајнерката Елена Спасовска, со колекцијата „Математика”. За неа, креирањето на една колекција е математички процес, што вклучува изработување на пресметани точни кројки и создавање на тродимензионални форми од нив.

„Мојата колекција вклучува дизајни со строги геометриски форми и линии, застапени се црната и белата боја, додека линијата, кругот и коцката го имаат главниот збор. Материјалите се природни, лесни и наменети за топли денови. Моделите се носливи и наменети за девојки со јасно изразен став во општеството”, вели Елена.

Колекциите пролет-лето 2015 кои ќе бидат промовирани на ова дизајнерско шоу,заедно со колекциите на Росица Мршиќ, Ирина Тошева и Куфер на Андријана Динева уште следниот ден ќе бидат достапни за купувачите во “Lotus Designer Store” во Скопје Сити Мол на вториот кат.

Објавено:
27 април 2015
Категорија: 
Актуел