Долче и Габана ги уредија излозите во „Хародс“

10 ноември 2017

Да бидете задолжени да ги уредите излозите во најпознатата британска стоковна куќа, не е само привилегија, туку и престиж.

Тие носат посебна магија, и големо внимание од страна на јавноста, а оваа година „Хародс“ одлучи да донесе малку италијански дух во Лондон.

За таа цел, модното дуо Долче и Габана се погрижи излозите во луксузниот оддел да изгледаат интересно, волшебно и да пренесат досега невидена приказна.

А, добро познато е дека во нивните приказни нема скромност, ниту минимализам.

Тие направија цел еден кат, односно 23 излози да изгледаат како посебни приказни. Некои од нив се украсени во космонаутски стил, некои како диско, а некои како занатчиска продавница.

Се потрудија да направат и поп-ап продавница, каде е изложен накитот, а доминираат златните столбови и завесите од бордо кадифе.

Дел од излозите изгледаат како реплика на сицилијански куклен театар, каде минувачите ги анимираат две симпатични кукли – марионети Доменико и Стефано.

Внатршноста пак, е како „италијански пазар", со шарени штандови, на кои наместо со овошје и зеленчук  се ставени чанти, марами, маици и други производи со нивен потпис.

Дизајнерите се потрудија оваа сериозна задача да ја претстават на еден забавен начин, да си играат со модата и енериерот, нешто што го прават веќе 32 години заедно.

А оваа игра, според странските медиуми, ги чинела речиси осум милиони евра ( или околу 7 милиони фунти). Но, сепак се работи за „Хародс“ и тие милиони не се ништо во споредба со милионите  што ќе ја посетат стоковната куќа за време на празниците и приходот што ќе се оствари.

На официјалното отворање на излозите минатата недела, двојката направи и кратка модна ревија.

-Никогаш не сум сакал кратки модни ревии. Ако ме поканите на вечера, не очекувам од вас да ме послужите само со аперитив. Јас сум Италијанец. Сакам и предјадење и главно јадење, и десерт... сè. Навистина не сакам кратки шоу-а – истакна Доменико во таа пригода.

И централната елка е украсена од нивна страна и тоа со златни панделки и шарени светилки.

-Се работи за Лондон, не не и само за Лондон. Ова е интернационално изложување. Не е само бизнис, туку и претставување на она што навистина сме ние. На клиентите им го прикажуваме нашиот свет – вели Стефано Габана.

И од стоковната куќа потенцираат дека се презадоволни од соработката:

-Не можам да замислам подобри бренд-партнери за Божиќ во „Хародс“ од Долче и Габана. На ова се работеше речиси цела година и сигурни сме дека ќе допре до сите наши потрошувачи – и децата и возрасните – со голема доза на забава и италијански дух – изјави за „Вог“, Хелен Дејвид од „Хародс“.

Божиќната магија на „Долче и Габана“во лондонската стоковна куќа ќе трае до 28-ми декември.

Минатата година „Барбери“ беа задолжени за уредувањето и украсувањето на „Хародс“, а таа чест досега ја имале и „Самсунг“, „Луј Витон“...

Во продолжение погледнете ги видеата и видете како се создавала оваа магија:

 

 

фото извор: vogue.co.uk; fashion.hr; dolcegabbana.com;

Објавено:
10 ноември 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
158 пати