Достојно „збогум“ на Жан Пол Готје

29 септември 2014

Париз запечатил многу приказни, што со успешни почетоци, што за револуционерни промени, но и такви со среќен крај.

Завчера, во рамките на тековната Париска модна недела, една приказна заврши со збогум. Но, ова беше збогум на сметка на нов почеток.

Еден од најтеатралните генијалци во модната индустрија, Жан Пол Готје ја отпоздрави својата верна публика со својата последна prêt-a-porte колекција, за целосно својата енергија и креативен набој да ги посвети на создавањето ремек дела во високата мода.

И ова не беше еден од оние тажни краеви кои побудуваат сентименталност, напротив неговото последно ready-to-wear модно шоу, во секој поглед го оправда терминот „шоу“ и беше повеќе од достојно „збогум“.

Омажот на сите карактери на жените на Готје, во неколку минути направи незаборавен флеш на целокупното негово творештво. Целата линија балансира помеѓу драматичната, моќна, доминантна и „машка“ жена, со онаа другата нејзина страна каде е романтична, нежна, кревка и суптилна.

Симетријата жена-маж, црно-бело, супериорно-инфериорно започна со класичните бизнис костуми подвоени во две лица,  со драматични шешири кои секако го носат препознатливиот шарм на Готје, за да продолжи со експлозија од бои и принтови во кои се препознава неговата присутност, која остана и во приказот на жените како супер херои, под маски кои оставаат јасна порака дека зад скриениот идентитет , неговата мода припаѓа секому!

На писта ги видовме и легендите на модната сцена, како Франка Соѕани, Грејс Кодингтон и Карин Ројтфилд, секако не лично, туку низ креаторскиот видик на Жан Пол Готје кој преку своите модели креираше прототип на овие влијателни жени во модната индустрија.

Возбудлива, темпераментна, богата колекција која достојно ќе го одбележи името на големиот Жан Пол Готје и неговото заминување од ready-to-wear сцената, кое пак остава дополнителен простор за уште поголеми очекувања од неговиот „haute couture“ уметнички опус.

 

Објавено:
29 септември 2014
Категорија: 
Актуел