Џенифер Анистон: Не треба да сме мајки за да сме комплетни!

13 јули 2016

Бројните светски магазини неодамна објавија фотографии од одморот на Џенифер Анистон и нејзиниот сопруг Џастин Теро на кои актерката имаше малку поголемо стомаче од вообичаено, со што веднаш почнаа шпекулациите дека таа е бремена.

Тимот на актерката веднаш ги отфрли информациите како шпекулации, а во посебна колумна за Хафингтон Пост таа им се обрати лично на сите обожаватели. Ја пренесуваме истата во целост.

-Дозволете ми да почнам со тоа што ќе ви кажам дека ваквото обраќање не е својствено за мене. Не сакам да вложувам енергија во лаги, но сакав да бидам дел од еден подолг разговор кој веќе други го започнаа и сега мора да продолжи. Со оглед на тоа што не сум дел од социјалните мрежи, решив да ги споделам моите мисли на овој начин.

Колку да знаете, не сум бремена. Јас сум само презаситена. Презаситена сум од апсурдното гледиште и критиките што сите ги имаат за жените.

Секој ден јас и мојот сопруг сме „малтретирани“ од огромен број на агресивни фотографи кои постојано стојат пред нашата куќа, кои ќе направат сѐ само за да имаат барем една фотографија, па дури и по цена да нѐ загрозат нас и сите оние кои се околу нас. Оставајќи ја на страна безбедноста, сакам да се фокусирам на поголемата слика што таблоидите значат за сите нас.

Ако сум некаков симбол за некои луѓе во светот, тогаш сигурно сум пример за тоа како ние како општество ги гледаме нашите мајки, ќерки, сестри, сопруги, женски пријатели и колешки. Објективизирањето и критиките низ кои поминуваат жените постојано е нешто апсурдно и вознемирувачко. Начинот на кој јас сум прикажана во медиумите е рефлексија на она како ние ги гледаме и прикажуваме жените воопшто, проценети според некои искривени стандардни за убавина.

Пораката дека девојчињата не се убави освен ако не се неверојатно слаби, дека тие не се вредни за нашето внимание освен ако не изгледаат како супер модели или актерки е нешто што сите ние некако почнуваме да го „купуваме“. Овие работи се нешто што тие девојки ќе го носат со себе и кога ќе пораснат. Ние ги користиме вестите за познатите за да ги пренесеме и продолжиме искривените погледи за жените основани само врз едно појавување кое таблоидите веднаш го претвораат во шпекулација. - Дали таа е бремена? Дали таа јаде многу? Да не се „запуштила“? Дали ова значи дека бракот и се распаѓа?

Некогаш си велев себеси дека таблоидите се како стрипови и дека не треба да бидат сфатени сериозно, туку само како сапунска опера за луѓе кои ќе ја следат тогаш кога им треба да се оттргнат од секојдневието. Но, повеќе не можам да го кажам тоа бидејќи сликата што денеска се прикажува за жените во тие таблоиди го извртува мислењето за жените воопшто.

Изминатиов месец сфатив колку всушност им се суди на жените според нивниот брачен и мајчински статус. Големиот број на ресурси кои медиумите ги употребија само за да откријат дали сум бремена или не, (по милионити пат, но кој брои веќе), води кон продолжување на ставот дека жените се некомплетни, неуспешни, несреќни, ако не се мажени и ако немаат деца.

Додека го пишувавте последниот циклус здодевни вести за мене и мојата “бременост“, во светот се случуваа пукања, терористички напади, огромни одлуки од судовите, избори и ред други поважни прашања на кои „новинарите“ можат да им ги посветат своите ресурси.

Конечно стигнавме до она што сакам да го потенцирам: ние сме комплетни без или со придружник, со или без дете. Ние сами ќе решиме што е добро за нас кога е во прашање нашето тело. Таа одлука е наша и само наша. Ајде да ја донесеме таа одлука за нас и за младите жени во овој свет кои гледаат на нас како примери. Ајде да ја направиме таа одлука свесно, без вревата од таблоидите. Не треба да сме мажени или да сме мајки за да бидеме целосни. Ние сами го одредуваме она „среќни засекогаш“.

Јас пораснав изморена од сето ова. Да, можеби ќе станам мајка еден ден, но ако станам јас прва ќе ви го соопштам тоа. Не сум во потрага по мајчинство бидејќи се чувствувам нецелосно како што медиумите ве уверуваат. Неодамна медиумите направија да се чувствувам помалку вредна затоа што телото ми се променило поради еден бургер што сум го изела за ручек и ме фотографирале токму тогаш од некој чуден агол. Не сакам ниту да ви зборувам за болното чувство кога пријателите, колегите и семејството ми честитаа за некоја бременост што воопшто не постои.

Во моите долги години работа, научив дека таблоидите никогаш нема да се сменат. Она што единствено може да се смени е нашата реакција и свесност за токсичните пораки кои се поставени длабоко во овие навидум безопасни приказни со кои вие ја искривувате идејата за она кои сме ние навистина.

Останува на нас да одлучиме во што ќе поверуваме и можеби еден ден таблоидите ќе бидат принудени да ги погледнат работите од еден поинаков, почовечки агол, бидејќи нивните читатели веќе престанаа да веруваат во нивните глупости.

Објавено:
13 јули 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.630 пати