Ексклузивни детали за евровизиската „Таму кај што припаѓаш“!

22 февруари 2014

Вчеравечер  во студиото на Македонската Радио Телевизија се снимаше емисијата „Хит на месецот“, во рамките на која се одржа промоција на песната што оваа 2014 година ќе ја претставува нашата земја на најголемата музичка манифестација „Евровизија“, во Копенхаген Данска. Шоуто ќе можат да го проследат сите евровизиски фанови и љубопитни гледачи кои сакаат да ја чујат македонската тема, вечерва на Македонската Радиот Телевизија во 21.30 часот.

Евровизискиот перформанс оваа година ќе се одржи под мотото „Join Us“ и има за цел да ги покани сите земји од Европа да уживаат во забавата. Македонија ќе ја претставува пејачката која веќе 20 години егзистира како на македонската, така и српската сцена, Тијана Дапчевиќ. Дарко Димитров е задолжен за композицијата, со тоа што Лазар Цветковски помага во создавањето, односно аранжирањето на песната, а текстот е дело на пејачката Елена Ристеска. Композицијата е со наслов „Таму кај што припаѓаш“ , а покрај македонска има снимено и англиска верзија. Тијана открива дека сè уште не знае на кој јазик ќе пее, а спотот за евровизиската тема ќе го снима наредниов месец во Скопје.

„Моето очекување за Евровизија оваа година е убаво да си поминам, што е можно подобро да се претставиме во Европа и да имаме одлична журка што на сцена, што зад сцена“, рече Дапчевиќ.

Креацијата со која Тијана ќе настапи на евровизиската сцена нема да ја дизајнира Ивана Кнез, туку српската стилистка и уредничка на магазинот Стори, Ивана Рабреновиќ. Промената на дизајнерката е главно поради искуството кое го има Ивана Рабреновиќ, зашто таа веќе  има учествувано со свои креации на оваа музичка манифестација.

„Во тимот кој што ќе оди со мене на Евровизија е стилистка од Белград, Ивана Рабреновиќ, која веќе четири пати била на Евровизија и точно знае ‘колку е часот’“, вели Тијана .

Во поглед на сценографскиот момент и со оглед на фактот дека станува збор за песна со брз денс ритам, Тијана вели дека сè уште нема детали како ќе изгледа финалниот сценски настап. За можните негативни коментари и „злите јазици“, Тијана вели дека нема да се случи такво нешто.

„ Јас сум сигурна дека нема да има негативни коментари. Треба да праќаат позитивна енергија и позитивно да размислуваат. Какви ти се мислите таков ти е животот, ако ти на универзумот му праќаш позитивна енергија и позитивни мисли тоа ќе ти се врати“, објаснива за Fashionel пејачката.

Водителската двојка Александра Јовановска и Марко Марк, заедно со нашата годинешна претставничка приредија интересна дружба. Александра специјално по тој повод реши пред европската публика да се претстави во малку поелегантно светло, па одбра креација на модната куќа Елена Лука.

„Со модната куќа Елена Лука соработуваме многу одамна, уште од првите настапи што сум ги имала. МРТВ некако ја почна  соработката многу одамна кога и Елена Лука започнуваше да работи. Сум имала можност да ги носам моделите кои се дел од барокната колекција. Се сеќавам нашата појава во такви креации на Скопскиот Фестивал беше многу смела, а потоа она што го наметна Елена Лука некако стана и тренд за тоа како треба да биде облечен еден професионалец кој се појавува на сцена. Инаку изборот на моделот беше мој, уште кога го видов на веб страната на Елена Лука, пишуваше дека е New Arrivial и е една од оние креации кои ми оставија најголем впечаток. Сметам дека е доволно модерна и интересна за да ја види не само публиката овде во Македонија, туку и оние евровизиски фанови ширум Европа“, ни открива  водителката.

 

Објавено:
22 февруари 2014
Категорија: 
Актуел